Ванковска побара од Сиљановска да го прекине молкот околу трагедијата во Газа

Професорка и претседателски кандидат, Билјана Ванковска, ѝ упати отворено писмо на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, обвинувајќи ја за „молк“ околу војната во Газа и повикувајќи ја да заземе „јасен, гласен и морален став“ во име на државата. „Ви се обраќам како професорка на професорка, жена на жена, мајка на мајка, баба на баба“, пишува Ванковска, тврдејќи дека „мнозинството во Македонија разликува Добро од Зло“ и очекува институциите да реагираат.
Писмото, објавено додека претседателката присуствува на Струшките вечери на поезијата, се осврнува и на улогата на уметноста во време на војна.
Еве дел од отвореното писмо на Ванковска до претседателката Сиљановска-Давкова:
„Ви пишувам токму во овој момент кога со восхит разговарате со поетите покрај бисерното езеро и зборувате за Зборот, за поезијата презентирана на Струшките вечери. Но, дозволете да Ве потсетам на познатата мисла на Теодор Адорно дека „пишувањето поезија после Аушвиц е варварски чин.“ Но, дека не е во право увидел и самиот. Денес, во овој најтемен момент на човештвото, поезијата е чин на отпор во Газа. Секојдневно преку социјалните мрежи стасуваат криците на децата кои умираат од глад, жед, бомби и излечиви болести – замислете, преточени се и во стихови и во други уметнички изрази. Значи, и смртта одбива да биде замолчена, одбива тишина и праќа пораки до нас, живите.
Чудно е што народ и земја кои често знаат да се самосожалуваат и бараат правда за сето она што им е сторено и му се чини и денес, молчи. Молчи и власта која ја избра со огромен број гласови на последните избори. Но, еден ден, сосема скоро, и нашите/вашите внуци ќе прашуваат, исто како децата во Германија по Втората светска војна: ‘А каде беше ти кога се случуваше геноцидот во Газа? Што стори за да го спречиш? На чија страна беше?’.
Во Газа убиваат луѓе и кога молат за леб и кога умираат од глад во шатори. Не верувам дека тоа не го знаете и покрај сите Ваши државнички обврски. Ваша обврска е да го знаете сето ова. Зошто, тогаш, молк? Или општи фрази за ‘мирот во светот’, што им прилегаат на некои други млади жени, но не и Вам. Интелектуалка, професорка, хуманистка и претседателка (во женски род).
Официјална Македонија, на наш голем срам, молчи. Не, не само што молчи, туку и соучествува во злосторот со нечинење. Парламентот, за кој во кампањата велевте дека ќе го користите за јавни обраќања, одби да изгласа хуманитарна помош за децата во Газа. Како професор ги знам Вашите (ограничени) надлежности. Ги знаете и Вие. Но, и покрај тоа нè уверувавте дека сте субверзивна, бунтовна, дека ќе бидете гласен претседател. Владата, која има примарна надлежност во оваа сфера, очигледно не гледа Зло, не слуша Зло, не говори за Злото. Всушност, понекогаш дури и мислам дека ја зазела погрешната страна на историјата. Забележливо е дека на Вашите посети на меѓународни форуми ретко кога не сте во придружба на Вашиот поранешен студент, сегашен млад министер за надворешни работи. Иако не сте член на владејачката партија, Вашите контакти со неа Ви даваат основа да ги свикате на консултации околу надворешната политика. Или барем еден кафе-муабет на убавата тераса над мирното езеро… Впрочем, Вие ја споделувате надлежноста во таа сфера. А за разлика од нив, Вие ја претставувате државата дома и во странство. Вие сте (или треба да бидете) моралниот авторитет кој, во крајна линија може да се обрати и опомене и преку медиумите. Да биде државник дома, ама и во странство. И наместо да спасува океани, да се обиде да спасува деца.
Знаете ли дека три четвртини од членките на ООН ја имаат признато Палестина? Дури и Вашата „втора татковина“ како што љубите да ја нарекувате Словенија, дежелата во која достигнавте највисоки дострели во образованието, поставува примери: ја призна Палестина како држава, и воведе економски санкции кон Израел. Знаете ли дека Македонија е единствената балканска држава што ја нема признаено Палестина? Охрабрете се! Дури и Вашите стратешки партнери, како Обединетото Кралство со кое тукушто склучивме договор, вели дека подготвува признавање на Палестина идниот месец за време на заседанието на Генералното собрание на ООН. Вашиот пријател Макрон, кого го сретнавте неколку пати на мултилатерални средби, ја има истата намера.
ООН официјално прогласија глад во Газа, глад од досега невидени размери. Се смета дека за голем број од прегладнетите луѓе веќе нема спас, дури и ако стаса хуманитарната помош. Да биде уште поочајна ситуацијата, овој глад не е поради недостаток на храбра, туку поради садистичка желба храната да стане оружје, да не се достави таму каде што треба. Грубо кажано, таа е дел на „Финалното решение“ на Палестинското прашање.
Искрено, Ви пишувам со малку надеж дека овој апел ќе смени нешто. Но, морам да Ви го напишам ова за да нема изговор дека не сум зборувала, не сум направила нешто – макар и да е безнандежно, кај политичари кои мижат пред Газа која одамна ја надмина Хирошима по степенот на деструкција“.