Вања е убиена во ладнокрва егзекуција додека клечела и со еден куршум

Младата скопјанка одела низ кал пред да биде убиена, Панче Жежовски е ликвидиран на сличен начин


Љупчо Палевски на седуењето (Фото: Б. Грданоски)

 

Во Кривичниот суд започна изведувањето на материјални докази за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски со кои се објаснуваат последните моменти пред тие да бидат ликвидирани, а и начинот на кои се убиени.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска рече дека еден куршум од 9 милиметри бил пронајден во главата на Вања Ѓорчевска при направената обдукција. Вања била убиена како ладнокрвна егзекуција, таа клечела и во неа било пукано одзади малку од десната страна на растојание од 50 до 60 сантиметри.

„Остатоците на кал на патиките на Вања потврдуваат дека таа се движела низ кал и влажна површина“, рече обвинителката презентирајќи докази.

Слично бил убиен и Панче Жежовски кој починал поради огнострелна повреда на мозокот.

Обвинителката рече дека со обдукцијата е потврдено дека Вања била жива кога била убиена, односно не била претходно задушена. 

Обвинителката исто така го презентираше и доказот од пронајдената леплива лента, по направени брисеви од лепливата лента, пронајдени се докази од Вања и од Велибор Манев.

Во врска со убиениот Жежовски Љупчо Палевски рече дека имало и церада во која бил завиткан убиениот велешанец и дека на неа не биле пронајдени папиларни линии (отпечатоци од прсти) ниту биолошки материјал од него.

Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска направил дополнение на листата на докази со кои докажува дека нема никаква поврзаност со грабнувањето на неговата ќерка.

Во доказите меѓу другото, станува збор и за новинарски написи со изјави од мајката на Вања.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ даде согласност доказите кои се однесуваат на преземени дејства спрема таткото Александар да се изведат кратко со читање бидејќи воопшто нема да ја компромитираат одбраната. Останатите обвинети не дадоа согласност и затоа обвинителот ќе мора да презентира и објаснува еден по еден доказ.

Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски немаат предложено дополнителни докази со кои ќе се бранат.

Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо исто така има свои докази со кои негира дека бил планер и реализатор на убиствата.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.