Ванхојте: Идејата за една изборна единица не е добра

Со една единствена изборна единица ќе завршите така што мнозинството од граѓаните повеќе нема да бидат  претставени во парламентот, порачува белгискиот експерт, кој не е импресиониран и од барањата за намалување на бројот на пратениците и за укинување на апанажата


 

Белгискиот експерт Питер Ванхојте, кој беше ангажиран во процесот на преговори за Договорот од Пржино и добро ја познава работата на македонскиот парламент, е против идејата да се смени изборниот модел и Македонија да стане една изборна единица. 

„Иницијативата за една изборна единица не е добра, бидејќи ќе завршите со мнозинство пратеници од Скопје. Важно е исто така  пратениците да ја претставуваат изборната единица и  областа каде што се избрани. Со една единствена изборна единица ќе завршите така што  мнозинството од граѓаните повеќе нема да бидат претставени во парламентот“, оценува Ванхојте во изјава за „Независен“.

Тој не е импресиониран ниту од идејата на ВМРО-ДПМНЕ да се намали бројот на пратениците во Собранието и од нивните уверувања дека така ќе се заштедело пари за училишта, градинки и слично и ќе се рационализирала работата, без оглед што по таа логика испаѓа дека е најдобро воопшто и да нема пратеници и парламент. 

„Не, не намалувајте го бројот на пратеници. Според моето искуство бројката од 120 пратеници е  апсолутен минимум за да се справат со целата работа со која треба да се занимаваат пратениците. Вистинската дискусија треба да биде за квалитетот на пратениците, а не за бројките“, порача Ванхојте.

И, ако иницијативата на малите политички партии може да се разбере, бидејќи калкулациите покажуваат дека со новиот изборен модел ќе имаат некој пратеник повеќе, тоа покрена други иницијативи кои веројатно треба да ги направат каша попара преговорите за измени во Изборниот законик, односно да го искомплицираат преговарањето до таа мерка што на крајот ќе заврши како и сите досега – со долго замајување на јавноста, а без резултат. Во моментов, покрај една изборна единица, се бара укинување на и пржинската влада, укинување на условот од 20 отсто за користење на албанскиот јазик, а Левица излезе со барање, па и поднесе предлог закон за укинување на апанажата на функционерите. За Ванхојте, последната иницијатива на Левица е гол популизам кој ќе ѝ наштети на демократијата во земјата. 

„Предлогот на Левица е вистински популистички предлог, кој можеби ќе им се допадне на многу неинформирани граѓани, но на крајот на краиштата, една демократска земја не треба да се грижи само за луѓето со мандат , туку и за моментот кога ќе им истече мандатот, бидејќи овие луѓе се клучни за функционирање на една демократија. Можеби е подобро Левица да се фокусира на политичките назначувања во државната служба и на практиката да се плаќаат одредени луѓе (до неодамна околу 400 во Тетово, на пример) без да се бара од нив да се појават на работното место. Тоа се неприфатливи практики на кои треба што поскоро да им се стави крај“, порача Ванхојте.

Потребата од апанажа тој ја објаснува и со примерот на Белгија, каде што функционерите и пратениците по престанокот на мандатот земаат плата уште една година, за да им се даде доволно време да најдат друга работа ако сѐ уште не се на возраст за стекнување пензија, која пак за службените позиции се добива по 55 години.

„Постојат две причини за апанажите. Првата е да им се дозволи на политичарите да си заминат кога тоа е потребно. Поради овие плати, тие не мора да се држат до мандатот поради финансиски проблеми, па можат да си заминат во секое време, доколку ситуацијата ги обврзе на тоа. Другата причина е што ова може да биде ефикасен начин за борба против корупцијата, бидејќи тие не мора да земаат пари на незаконски начин и да ги ставаат во џеб, туку можат да опстанат финансиски и по нивниот мандат. Доколку некои од овие луѓе сепак се корумпираат, треба да има остри казни, бидејќи тоа е неприфатливо“, оценува Ванхојте. 

Како изгледа обратната практика се гледа од примерот на Бугарија, која 15 години по членството во ЕУ сѐ уште е многу корумпирана земја и е на врвот по корупција во споредба со другите земји членки. 

„Крајот на мандатот е крај и за убавите плати. Тоа важи и за пратениците и за министрите. Нема пари, но нема ни некакви правила што треба да работат по функцијата, така што можат да си најдат убави позиции во бизнисот и да ги експлоатираат врските што ги создале додека работеле за државата“, оценува бугарска новинарка.

Според неа, само претседателот на државата по завршувањето на мандатот добива плата до стекнување на пензијата, а за премиерот нема таква привилегија туку му се дава само обезбедување во рок од една година. Општо земено, повеќе бугарски новинари оценија дека е подобро функционерите по крајот на мандатот да добиваат апанажа , како што прават Европскиот парламент и Европската комисија,  отколку вака, да ги остават на „слободниот пазар“ на конфликт на интереси. Па така, за разлика од кај нас, во Бугарија за сменетите политичари кои останале без фукции грижа може да води само партијата, па по губењето на министерската фукција Красимир Каракачанов, на пример, живее од парите што ги добива од неговата партија ВМРО.

А тоа е можно бидејќи политичките партии добиваат државни субвенции кои официјално, како што пријавија деновиве, го прават најголемиот процент од нивните приходи, при што право на такви субвенции имаат сите партии што ќе освојат над 1 отсто од гласовите на избори или над 4 отсто ако се коалиција. Тие партии добиваат по 4 лева (две евра) за секој освоен глас на изборите. Притоа, за разлика од кај нас, во Бугарија постои посебен т.н. „медиумски пакет“ на субвенции кој гарантира дека сите партии без оглед дали се во парламентот или не, ќе можат да си обезбедат рекламирање пред избори.  

„Претседателот нема од каде да злоупотребува, премиерот и министрите можат“, ја опиша ситуацијата друга бугарска новинарка, додавајќи дека вторите можат да земаат мито за исполнување разни бизнис интереси додека се на власт, шеговито оценувајќи дека  во САД тоа се нарекува лобирање. Инаку, за разлика од платите на функционерите кај нас, тие во Бугарија се значајно повисоки, при што највисока плата има претседателот Румен Радев и таа се движи со разни додатоци над 12.000 евра месечно.  

Во Литванија пратениците исто така, по завршувањето на мандатот земаат отпремнини кои во 2020 година изнесувале од 6.800 евра до 23.600 евра, во зависност од времето поминато на функцијата.

„Претседателот на државата по заминувањето од функцијата добива плата секој месец, а таа е во висина од 40 отсто од примањата додека бил на должност. Така, на пример, Далиа Грибаускајте добива 3.700 евра месечно“, вели новинарката Рута Дамбравајте.

Според неа, истото важи и за министрите кои, за разлика од претседателот на државата, добиваат отпремнини кои изнесуваат колку нивни шест плати пред губењето на функцијата. Слични привилегии, па и поголеми, имаат функционерите во Италија и во Грција.