Вандализмот да добие име и презиме, МВР е на испит

Снимката од дивеењето на младите луѓе на детско игралиште е шокантна. И токму поради таа шокантност МВР треба да ги открие сторителите, и тоа најбрзо што може. Инаку полицијата ќе стане премолчен соучесник


 

Повици за санкционирање на децата и на родителите се појавија на социјалните медиуми  откако градоначалникот на Општина Центар објави лиферуваше видео на кое се гледа како млади дивеат во Капиштец, во центарот на Скопје, кршат и фрлаат реквизити на детско игралиште.

За овие инциденти постои снимка – видео, па не е невозможно да се идентификува барем едно младо момче, а потоа да се дознае и кои се другите на снимката. Не е овој инцидент сфатен отпосле, откако се случил, па за тоа да сведочат само искршените нишалки, туку е документиран со видео, а вандалите може да се посочат со име и со презиме.

Герасимовски неколку дена бара на повеќето детски игралишта и дворови на училишта и градинки да се постават камери, за да се спречи дивеењето на младината, која во доцните вечерни часови се собира таму и крши. Тоа би било во насока на откривање на сторителите и нивно соодветно казнување.

Но, постои ли кај нас казна? Казнет ли е некој досега? А вакви дивеења имало многу! Тоа се малолетни лица, кои реално не можат да ја отплатат казната парично, па колкава и да е таа. Но, можат нивните родители, а децата… па, може тие да се казнат со некоја општокорисна работа, на пример. Да се прошетаат со жолти или портокалови флуоресцентни елечиња, во време кога нивните врсници, а и сите други, ќе можат да ги видат како чистат улици. Бидејќи од ваквото вандалско однесување не се срамат, може ќе се засрамат од метлата која ќе им ја дадат в раце за казна.

Токму тоа отсуство на срам, па понатаму и претворено во чувство на гордост и надмоќ, им даваат за право ваквото однесување да го промовираат и да го повторуваат. Заразно е тоа! Сите што ги гледаат, порано или подоцна се пробуваат во истата улога.

Вандализмот не е ново поведение, па да немаме начин како да се справиме со него. Но, како и сѐ кај нас, и таа девијантна појава се политизира. Овие снимки од дивеењето се објавени јавно. Сегашниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, треба да ги спроведе законите и да ги открие сторителите на ова неверојатно злодело, а не да зборува како се однесувал неговиот претходник. Полицијата има можност нив да ги открие уште пред министерот да се врати од долгото патување во САД (и тој беше на самитот на НАТО!?).

Вчера, Герасимовски тргна во поход, засилен со неколку полициски службеници, да ги обиколува сврталиштата на младите и да спречи евентуално дивеење.

Само да не биде – секое чудо за три дена! Ќе дочекаме ли да се каже барем дека децата се идентификувани, ученици се во тоа и тоа училиште, родителите се задолжени да ги обноват игралиштата, а децата се пратени на часови по добро поведение во текот на целото лето! Или нема да се случи тоа?

Можеби мерката „упатување на престапниците во поправен дом од септември“, што на социјалните мрежи ја предлага претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, е престрога или во најмала рака непродуктивна, оти од поправниот дом тешко дека ќе се вратат поправени, ама мора да се послуша човекот за првите две сугестии: идентификација на вандалите и надомест на штета.

Дека родителите треба да платат за поправка на игралиштата, наменети за најмадите, каде нивните синови и ќерки решиле да се изживуваат на нешто што не е наменето за нив, не е за дискусија. Само, да не бидат родителите некои „заштитени бели мечки“, па да се подзатури случајот во некоја фиока, да се заборави и на крај да се скине, а парите да се потрошат за децата да се пратат на одмор, со надеж дека ќе станат подобри, ако се наградат.

Оти, ако се суди според тоа каде се случил овој вандализам, очигледно не се работи за деца на социјално загрозени семејства. Тоа се деца „од фамилија“, што би рекол нашиот народ. Семејството има пари. Ним им се овозможува лагоден живот во кој ништо не им фали. Освен, очигледно, по некоја клацкалка како тие од игралиштата и дувалка за лисје (се дрзнале да ги украдат од комуналниот пункт на Општина Центар).

Ако децата се „огледало на родителите“, како што сугерира друга изнервирана граѓанка на Скопје, тогаш не треба да очекуваме дека возрасниве ќе ја надоместат штетата, туку да го изиграат законот, да најдат „човек“, „некој“, за да се „заштити“ синчето или ќерката. 

Во трката по пари, отсуствува елементот на воспитание, па децата гневни што не си ги гледаат родителите доволно често, покажуваат некултура и примитивизам во околината. Снимката ја изгледавме сите, па претпоставуваме дека ја виделе и родителите. И не си ги познаа децата? Ако ги познале, зошто не се така храбри, па да се извинат на социјалните мрежи на сите, да си го соберат детето, па в полиција да го однесат. Ако тие не им одржале лекција досега, тоа да го стори униформиран службеник… Замислете само таква храброст!