Вандализам со патни знаци – човечкиот живот превисока цена


Фото: Б. Грданоски

На патиштата низ државава патниците „ги пречекуваат“ глетки со уништени знаци или само столбови на кои биле поставени пред да бидат откорнати патокази, наопаку свртени табли или, пак, покриена содржина со боја на важните известувања за возачите за брзината на движење, правецот за свртување…

Надлежните институции велат дека редовно прават контроли и ги „поправаат“ последиците од неодговорното дејствување кон сигнализацијата и на автопатиштата и на градските улици. Уништувањето и кражбите претежно се прават од економски и социјални причини, но и поради отсуство на елементарна култура и одговорност. Тоа е кривично дело коешто, како што укажуваат, може да го загрози животот на учесниците во сообраќајот. Неодговорниот однос кон поставената сигнализација неретко е впечатлив и на државните патишта, како и на сообраќајниците во градските средини.

– Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) регистрира голем број оштетувања на поставената вертикална сигнализација, како физички така и со графити. Чести се и случаите на кражба на алуминиумските ламели како дел од патоказните табли. Таквите случаи се пријавуваат, особено кога се работи за кражба од непознато лице. Апелираме да не се посегнува кон поставените знаци, затоа што нивното уништување значително влијае врз безбедноста на сообраќајот и истовремено предизизвикува финансиски штети за претпријатието, изјавија за МИА од ЈПДП.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата појаснуваат дека мотивите за уништување на сообраќајните знаци може да бидат различни, но најчесто поради економски и социјални причини. Без разлика какви се мотивите, потенцираат, уништувањето на сообраќајните знаци не може да се оправда на ниеден начин, бидејки, од една страна, тоа е кривично дело за кое се одговара по закон, а од друга страна, претставува чин на загрозување на безбедноста на учесниците во сообраќајот.

– Сообраќајната инфраструктура и сообраќајната сигнализација претставува еден од трите клучни фактори од кои зависи безбедноста на патниот сообраќај. Токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата најостро го осудува секој чин на уништување на сообраќајната сигнализација, бидејки на тој начин директно се загрозува безбедноста, т. е. животот и здравјето на учесниците во сообраќајот, велат од РСБСП.

Како што објаснуваат, еден сообраќаен знак произведува правно дејство само доколку е поставен на начин предвиден со Правилникот за сообраќајна сигнализација и само доколку по форма и содржина целосно одговара на пропишаните стандарди. На сообраќаен знак, како и на столбот на кој се поставува знакот, забрането е поставување на што и да е што не е во врска со неговото значење. Секое уништување на делови од сообраќајниот знак, пишување графити, лепење налепници итн… го елиминира или го доведува во прашање значењето на сообраќајниот знак, а со тоа всушност директно се загрозува и безбедноста во сообраќајот.

Во Програмата за работа на РСБСП за годинава се предвидени активности за подигање на свеста за значењето на сообраќајната сигнализација и за опасноста од нејзиното уништување. За наредниот период најавуваат дека ќе реализираат редица превентивни активности.

– Уништувањето на сообраќајните знаци е вандалски чин. РСБСП апелира до оние што тоа го прават да покажат повисоко ниво на општествена свест и одговорност и веднаш да престанат со уништување на сообраќајните знаци и патокази, бидејки ваквиот чин е насочен кон загрозување на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот, посочуваат од РСБСП.

Инвестициите на Јавното претпријатие за државни патишта во поставување нова хоризонтална и вертикална сигнализација и патна опрема на државните патишта за годинава се проектирани на околу 120 милиони денари.

– Се работи на поставување и обнова на сообраќајна сигнализација на сите патишта кои се предвидени за рехабилитација, како и дел од средствата предвидени за одржување преку Договорот со ЈП за одржување на регионалните и магистралните патишта, информираат од ЈПДП.

Во наредниот период, како што најавуваат, меѓу останатото, преку ИПА 2 средствата е предвидена замена на еластичната одбојна ограда на Kоридорот 10 во согласност со eвропските стандарди.

– Замената на оштетената вертикална сообраќајна сигнализација е во рамките на редовното одржување. Планираме да ја замениме целокупната еластичната одбојна ограда на Коридорот 10, која не е по европските стандарди. Се работи на проектна документација. Преку ИПА 2 средства предвидена е замена на еластичната одбојна ограда на Коридорот 10 во согласност со европските стандарди во вредност од околу 10 милиони евра, појаснуваат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Графитите и физичкото уништување се појава и на натписите и рекламните табли што се поставуваат во заштитниот појас на државните патишта. За поставување натписи и рекламни табли кај државните патишта се плаќа надомест и по таа основа ЈПДП лани инкасирале околу три милиони денари.

По доставено барање од странката, се врши теренски увид на самото место од надзорен инженер. Со записникот од теренскиот увид се доставува и скица на рекламната табла, а по извршена уплата за годишен надомест се издава одобрување за поставување во заштитен појас на државен пат. Времетраењето на поставената рекламна табла е неограничено со годишен надомест. По одлуката на странката да престане со користење на рекламната табла, во согласност со издаденото одобрување, треба да ја отстрани. Во случај да не е отстранета од странката, ќе биде отстранета од страна на ЈПДП, а трошоците треба да ги покрие странката.