„Валкира“ беше чудо од опера – Скопје уживаше во ексклузивна вечер со Вагнер (фото)
Во саботата вечер, сите „културни“ патишта водеа во Националната опера и балет во Скопје, на најексклузивниот настан, годинава, на Мајските оперски вечери – операта „Валкира“ на големиот оперски реформатор Рихард Вагнер, во изведба на Софиската опера и балет.
Македонската публика ја имаше привилегијата за првпат да го слушне германскиот композитор, највлијателниот музичар во неговата ера по Бетовен на оперската сцена кај нас. Сега, и не се знае кога и дали пак.
Од сите композитори, Рихард Вагнер останува најконтроверзен. Ниту еден друг класичен музичар не буди таков фанатизам, за и против. Речиси сите негови значајни дела се опери, форма што тој повторно ја измислил, а главните се напишани во непрекинат опсег на музика. Тие се исто така многу долги. Публиката, од сите генерации, дотерани или кежуал облечени, уживаше во петчасовната опера во три чина и со две паузи.
Режисерот Пламен Карталов, член на Бугарската академија на науките, оперски менаџер и професор, кој 16 години е директор на Софиската опера и балет, ја следеше својата имагинација и креативност ѝ создаде прекрасни сцени од музички аспект, со богата сценографија и костимографија, а првенците на Софиската опера и балет, Маријана Цветкова, Мартин Илиев, Ангел Христос, Гергана Русекова, Цветана Бандаловска и Станислава Момекова…, имаа неверојатни гласови, со прекрасни гласовни способности.
Или како што ми кажа на премиерата, почитуваниот театролог, љубител на операта, Јелена Лужина „ ова е многу, многу добро“.
Диригентот Еван Алексис Крист од САД, кој и на прес конференцијата во НОБ, потенцираше дека на секој љубител на операта ќе му се допадне оваа драма, најмногу поради музиката, но и поради историските аспекти, не однесе во еден музички свет – гласен и воинствен, но сензуален.
(Л.С.)
(Фото: ФБ на НОБ)