Вакцините станаа алатка за политичка борба – граѓаните ги чекаат, елитата се вакцинира


Вакцините станаа алатка на политичка борба, нив  сè уште ги чекаат жителите на Источна Европа, но елитата се вакцинира нелегално, анализира денес Литванското државно радио . Откако бугарските медиуми објавија дека пратеници од владеечките партии се вакцинирале преку ред затоа што наводно медицинските лица што биле на списокот не се појавиле, а вакцините не можат да стојат, скандал на оваа тема се случи и во Украина, каде политичката елита со дипломатски врски си обезбедила за себе вакцини, а нема надеж дека таква можност ќе добијат и обичните граѓани. 
 
„Додека земјите од Европската унија вакцинираат против коронавирус, другите  држави кои не се дел од блокот сè уште чекаат на вакцината. Ситуацијата е особено тешка во Украина и во Западен Балкан“, оценува литванското радио. Според анализата, во Украина сè уште не е јасно кои вакцини за коронавирус ќе бидат достапни, колку и кога. Во тек се преговори со AstraZeneca, но засега нема конкретни резултати. Министерството за здравство најавува купување кинески вакцини кои ќе се произведуваат во иднина, иако нивните клинички испитувања сè уште не се завршени. Јевхен Назаренко, новинар на украинскиот ТВ канал, вели дека иницијативата на Светската здравствена организација COVAX, која има за цел да обезбеди вакцините да стигнат подеднакво до сите земји, е најреална. 
 
„Ситуацијата со вакцините во Украина е многу нејасна. Претходно беше кажано дека вакцинацијата може да почне во февруари. Сепак, засега нема конкретни договори за набавка на вакцини. Нашите надежи веројатно се насочени кон COVAX. Колку што знам, треба да ни се дадат 8 или 10 милиони дози од вакцината. Сепак, ние сме на самиот крај на редот и тешко е да се каже нешто конкретно. Кога целиот свет е веќе вакциниран, Израел вакцинираше значителен дел од населението, ние дури и немаме конкретни најави. Сè уште не сме ги ни регистрирале оние вакцини што се регистрирани ширум светот“, вели Назаренко. 
 
Скандалот со вакцините во Украина избувна минатата недела.
 
„Скандалот започна со информации во медиумите. Беше објавено  дека нашиот премиер Денис Шмигал и уште неколку парламентарци си купиле вакцини на Фајзер во Израел, ги прошверцувале и се вакцинирале.Претседателот Владимир  Зеленски исто така реагираше на ова. Тој рече дека им наредил на безбедносните служби да ги испитаат овие информации и да ги казнат сторителите. Сепак, Шмигал негираше сè, парламентарците исто така, а на крајот и израелскиот амбасадор. Скандалот веќе стивна. Не знам дали е сето ова вистина или не“, изјави Назаренко.
 
Состојбата со вакцините за коронавирусот, анализира Литванското радио,  е исто така проблематична на Западен Балкан. Земјите што не се членки на ЕУ очекуваа дека ќе добијат вакцини од Европската унија, но засега тоа не се случува. Затоа, самите почнаа преговори со компаниите. Само Србија не заостануваше зад земјите од Европската унија, па дури и ги надмина. На Бадник, премиерот на Србија беше вакциниран со вакцината на Фајзер и Бионтек, но сепак дозите што ги обезбеди владата се многу мали.
 
Јустинас Кулис, аналитичар во Центарот за источноевропски студии, вели дека луѓето од Западен Балкан живеат во неизвесност околу вакцините. Иако специфични количини и датуми за нивното пристигнување се веќе објавени, сè уште нема гаранции дека ќе биде така. Босна и Херцеговина се соочува со посебни тешкотии поради поделеноста и многу сложениот државен апарат. Тоа значи дека БиХ, како држава , го организира купувањето вакцини одделно, при што постои страв дека Република Српска може да започне со вакцинирање порано од остатокот на државата, што повторно ќе доведе до одредена фрагментација. Премиерот на Босна и Херцеговина оваа недела објави дека првата пратка вакцини треба да стигне во земјата до крајот на месецот. Договорени се еден милион и 300.000 дози со „Фајзер“ кои ќе бидат дистрибуирани до федерацијата и до  Република Српска.
 
Вакцини исто така се очекуваат во рамките на иницијативата COVAX. Самир Бехариќ, кој живее таму, вели дека ситуацијата во земјата сега е крајно тешка.
 
„За здравствените установи ќе биде полесно кога ќе пристигнат вакцините, бидејќи здравствениот систем во Босна и Херцеговина и Западен Балкан сега се соочува со голем товар. Вакцините, без разлика кога ќе пристигнат, но се надевам што е можно побрзо, ќе бидат насочени првенствено кон медицинскиот персонал, луѓе на возраст од 65 години и повеќе, и ќе бидат бесплатни за оние на кои им се потребни “, објаснува Бехариќ.
 
И  Северна Македонија, наводно, се договорила со Фајзер за 800.000 дози. Слично количество се очекува преку иницијативата COVAX. Но, во новинарските кругови владее уверувањето дека има премногу политика околу прашањето за вакцините.
 
„Властите чекаа премногу долго бидејќи се надеваа дека ќе ги добијат вакцините од Европската унија, така што сегаречиси  сите во регионот започнаа да се вакцинираат, а ние не. Првите вакцини се најавени за идниот месец и ситуацијата секако не е добра.  Ако не се вакцинираме брзо, никој нема да ги отвори границите за нашите граѓани“, вели македонски новинар.
 
Албанија сепак ги доби првите илјадници дози на Фајзер за лекарите. Премиерот на земјата исто така беше вакциниран во понеделникот.
 
„Властите објавија дека  договориле за 500.000 дози со „Фајзер “, кои треба да пристигнат следната недела. Прво ќе бидат вакцинирани лекари, медицински сестри, подоцна наставници и полицајци, а потоа ќе следат жители на возраст од 75 години и повеќе. Но, населението е 2 милиони, така што нема да бидат доволни. Забележувам дека луѓето немаат многу надеж за вакцината. Не очекуваат тоа да се случи наскоро “, вели албанската новинарка Орнела Липери.
 
 Кулис вели дека здравствените системи на Западен Балкан имаат многу проблеми во справувањето со КОВИД-19 и може брзо да изгорат. Министрите за надворешни работи на 13 земји од Европската унија, како и Литванија, ја повикаа Европската комисија да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од Балканот. 
 
„Ако ЕУ одлучи по секоја цена да се вакцинира што побрзо и да ги остави земјите од Балканот настрана, тоа ќе значи дека Русија и Кина повторно ќе имаат  широк спектар на можности во регионот, од снабдување со  вакцините до зајакнување на нејзиното политичко и економско влијание. Овој пат, влијанието на оваа држава би се зголемило не само во Србија, која обично е доволно пријателска кон нив, туку и во соседните земји. И, тоа би бил голем проблем за ЕУ, бидејќи тоа би значело слабеење на довербата во неа и, генерално, може да биде штетно за владите кои јасно ги демонстрираат аспирациите за членство во ЕУ, кои се отворено проевропски “, вели аналитичарот од Центарот за источноевропски студии.