Вакциналните сертификати – нова точка за политичка поделба


Фото: Б. Грданоски

Мицкоски ги нарече новите правила воведени од Владата како „квази мерки што немаат никаква врска со медицината“. Исти и многу построги мерки стапија во сила во Италија и Франција, на пример. Поголемиот дел од јавноста ги поддржува. Најбучни во протестите се десничарските партии. Во овој случај политиката стои зад секој агол

 

Љупчо Поповски

Одлуката на Владата од 16 август да се покаже сертификат за примена барем прва доза од вакцина против Ковид-19 во ресторани, објекти каде има прослави, на семинари, во театри и други културни настани, на спортски натпревари, конференции – секаде каде што има повеќе од 30 лица – може да стане точка на голема политичка поделба во времето кога забрзано се зголемуваат бројките на нови инфекции, и особено во битката на партиите на локалните избори.

Владата ја донесе оваа мерка гледајќи ги примерите од повеќе европски земји и откако бројот на новозаразените почна неконтролирано да се зголемува, што поради одморите, што поради големиот број свадби и други прослави и дружења на нашите граѓани што работат во странство, а сега се вратија во своите домови за летниот одмор. Оваа одлука е мотивирана и поради тоа што мерките што се на сила само малкумина ги почитуваат, што процесот на вакцинација се одвива со побавно темпо отколку што е неопходно, а и поради тоа што здравствените власти пропуштија две-три недели да преземат мерки за да се запре навлегувањето во новиот бран.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш застана зад оние што се против ваквите ограничувања и ги нарече „квази мерки кои што немаат никаква врска со медицината“ и дека тие ќе направеле нови поделби меѓу граѓаните. Според Мицкоски, тоа „потсетува на едни минати времиња пред 40 и 50 години кои што светот ги памети, а не само Македонија, бидејќи ваков начин на поделба на граѓаните е незапаметен во модерното човештво“. Тој вели дека ваквите мерки немале цел да ги заштитат граѓаните, туку да внесат нови поделби и ќе „воведат вештачка непримерна контрола, ќе го уништат оној бизнис којшто колку толку започна да функционира“. Затоа, „јас сум апсолутно на страна на оние граѓани кои што масовно изразуваат негодување против овие квази мерки“, рече Мицкоски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, по неколку часа му одговори на Мицкоски, велејќи дека мерките се донесени само за заштита на јавното здравје и дека тие не го делат народот, туку се насочени да го штитат неговото здравје. „Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните“, напиша Филипче на Фејсбук.

Организирањето редарски служби е важно прашање за спроведувањето на оваа мерка (затоа се оставени девет дена тоа да се имплементира), но ако двете главни партии влезат во голема и непродуктивна политичка битка околу правата на невакцинираните (оние што не успеале и оние што не сакаат да примат вакцина) многу е реално да се очекува дека четвртиот (или кој и да е бран) ќе заплисне со истата голема сила како оној од пролетва – а тоа значи, преполни болници и голем број починати. Особено поради ширењето на многу позаразната Делта варијанта која го преплавува светот.

На почетокот од летото најголемиот број европски земји ги кренаа ограничувањата и ги олабавија мерките, но вирусот се врати со сила која за многу од здравствените власти беше неочекувана. Најмногу поради големиот број вакцинирани, но сепак недоволен. Мицкоски не е во право кога вели дека „ваков начин на поделба на граѓаните е незапаметен во модерното човештво“, затоа што треба да прочита само неколку извештаи какви одлуки донесоа, на пример, владите на Италија, Франција, Грција, или за какви ограничувања се подготвува Германија. Ако тој не успева да стигне да прочита може партиските служби да му подготват некакво кроки како Си-Ен-Ен отпушта вработени кои не се вакцинирани, како „Јунајтед ерлајнс“ побара вакцинација како услов за работа, како Белата куќа објави дека сите федерални службеници и контрактори мора да бидат вакцинирани ако сакаат да работат, а оние што ќе лажат за својот вакцинален статус веднаш ќе бидат отпуштени и може да лежат во затвор заради измама.

Од петокот, на Италијанците им треба вакцинален сертификат за да седнат во кафе барови и ресторани, како и пристап во кина, музеи, базени и спортски сали. Условот не важи ако се јаде на отворено или се купува кафе на шалтер. „Зелен пасош“ од септември ќе се бара за патување во возови на подолги растојанија и да се посетуваат универзитети. Кога училиштата повторно ќе се отворат, сите наставници мора да имаат „зелен пасош“ или ќе се соочат со суспензија без плата.

Ови мерки владата на премиерот Марио Драги ги донесе со голема одлучност без оглед на противењето на дел од десничарските партии. Тоа имаше брз ефект – закажувањата за вакцинирање скокнаа од 15 на 200 проценти. А во една анкета доби и широка поддршка, при што само една четвртина од испитаниците рекоа дека се донекаде или многу против мерката.

Оние што се против мерката водат бучна кампања, нарекувајќи ги правилата неуставни, дискриминаторски и напад врз индивидуалната слобода, слично како и нашиот десничарски лидер. Протести во десетина градови се одржаа и овој и минатиот викенд, а луѓето носеа пароли како „Родени слободни и ќе умреме слободни“ и „Пасош на ропство“. Во голема мерка протестите имаат врска со локалните избори што ќе се одржат во многу големи градови оваа есен, а десницата тука ја гледа својата шанса за голем електорален скок. Главната десничарска партија, Браќа на Италија (со неофашистички корени), која тесно води во националните анкети, минатата недела дури го окупира и италијанскиот парламент за да се буни против оваа мерка. Новата „сестринска“ партија на ВМРО-ДПМНЕ, Лига на Матео Салвини, под притисок дека е престигната од Браќа на Италија на Џорџа Мелони, почна да вика уште погласно против „зелените пасоши“, иако е дел на владата на Драги. Што е најинтересно, анкетите покажуваат дека мнозинството од поддржувачите на Салвини и Мелони го поддржуваат воведувањето на „зелените пасоши“. Но локалните избори наесен се голем влог за Лига и Браќа на Италија. Во Италија 62 отсто од лицата над 12 години се вакцинирани со две дози. 

Во Франција изминатиов викенд протестираа 240.000 луѓе против вакцинални сертификати: сцена од Париз (Фото: АП)

Во Франција исто така има бучни протести против сличните мерки и „зелениот пасош“ како во Италија. Овој викенд на улиците на француските градови излегоа околу 240 илјади луѓе налутени што Уставниот суд донесе одлука со која ја одобрува одредбата на владата вработените во болниците и во домовите за стари лица да имаат вакцинален сертификат ако сакаат да продолжат да работат. И во Франција „зелениот пасош“ ќе биде неопходен од оваа недела за да се влезе во кафе бар или во воз на подолга релација. Оние што протестираат велат дека ваквите ограничувања се против граѓанските слободи.

Противниците се бучни, но мнозинството не ги поддржува – последната анкета покажува дека 62 отсто се согласни за воведувањето „зелен пасош“, а дури 70 проценти за одлуката на претседателот Емануел Макрон за задолжителната вакцинација на здравствените работници и вработените во старските домови. Во Франција 55 отсто од возрасната популација е вакцинирана со две дози. Франција во неделата имаше 20.450 нови инфекции. Се разбира, надвор од граѓанскиот револт, во заднина е политичката битка и претседателските избори во мај идната година.

Макрон ги повика своите сонародници да се сетат на третиот елемент на мотото, fraternité, повикувајќи ги „да ги прифатат овие колективни правила… и да се вакцинираат“.

„Се работи за граѓанство. Слободата постои само ако слободата на секој е заштитена… не вреди ништо ако со примена на нашата слобода го контаминираме нашиот брат, сосед, пријател, родители или некој што сме го сретнале на настан. Тогаш слободата станува неодговорност“.

Здравствените работници во Грција ќе бидат суспендирани од работа доколку одбијат да се вакцинираат. Вработените во домовите за нега ќе бидат суспендирани доколку не закажат вакцинација до 16 август годинава, а од септември истото ќе важи и за сите вработени во државното и приватното здравство. Од средината на јули до крајот на август, само вакцинирани лица смеат да влегуваат во објекти од затворен карактер како барови, кина, театри или шопинг центри. „Не можеме да дозволиме земјата повторно да се затвори поради однесувањето на некои луѓе. Не е во опасност Грција, туку невакцинираните Грци“, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

На овој или на оној начин сите се движат кон нови ограничувања, само што тоа нема да биде заклучување на земјата, бидејќи тоа е веќе економски неиздрживо, а и психолошки за граѓаните. Македонија и без да сака ќе се движи во тој правец, колку и Мицкоски да ги нарекувал новите правила „квази мерки“. Можеби, како и во другите држави, овие нови правила ќе го зголемат темпото на вакцинирање. Вакцини сега има, но потребно е уште многу за да се стигне до 50 отсто вакцинирани од возрасните лица, а уште повеќе до создавање на некаков колективен имунитет.