„Ова е загрижувачко мешање од Владата“: Известувачот Вајц за притисокот врз Судскиот совет
Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, вели Томас Вајц за „Независен“.

Постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, денеска реагираше на притисокот на владината коалиција членовите на Судскиот совет да поднесат оставки или да бидат разрешени, како што оценува, „врз основа на нивната наводна политичка припадност“.
„Овој повик од Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, кои се фундаментални вредности за патот на Северна Македонија кон ЕУ“, е реакцијата на Вајц за „Независен“.
Собранието на седницата во вторникот изгласа недоверба на петмината членови на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера во изјава за медиумите рече дека очекува тие да ги напуштат позициите, затоа што немале кредибилитет да бидат на тие места. „Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места“, изјави Мицкоски.
Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска изјави дека многу внимателно ги следат процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет.