„Вадење за уши“: Вмровскиот речник се повторува


Христијан Мицкоски и Гордана Јанкулоска во септември 2023

 

Вчерашните закани на премиерот Христијан Мицкоски против она што го нарече „административна мафија“ и дека ќе ги вади од дома „за уши“ директно потсетија на едни од најконтроверзните детали од прислушуваните разговори што во 2015 година ги објави тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев. Во нив тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, исто така зборуваше за „носење за уши“, но во тој случај се работеше за „Циганите“ во Струмица. Речникот и во двата случаи е од скопските улици, а не од двајца врвни функционери на власт.Што кажа Мицкоски:

„Нема да има милост, од дома ќе ги вадиме. Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство,  што вчера се обидоа на тие полноќни прес конференции, од дома за уши ќе ги вадиме. Тоа треба да го знаат“, рече видно изнервиран премиерот, очигледно мислејќи на прес конференцијата на потпретседателот на ДУ, Арбр Адеми.

Вмровската семантика била иста и при разгледување на резултатите од локалните избори во 2011. Јанкулоска тогаш разговара за првиот круг од изборите во Струмица и што да се направи  СДСМ да не победи во првото гласање за градоначалник. Јанкулоска дава насоки да не се  потпишуваат записници, некое ливче да снема… а потоа ќе има „влечење за уши“ на Ромите.

Таа му вели на пратеникот Славе Гошев: „Абе кај Ромите за уши ќе ги носиме, не смее, тоа не смее…“ Пратеникот Гошев ѝ даваше извештај дека во четири избирачки места можеби ќе има прегласување, велејќи: „Па две се кај Ромите, две се у град дек можеме да имаме влијание. Дек што ние добро стоиме“.

Во разговорот со пратеникот Васил Пишев, Ромите се веќе Цигани. Па, му вели на Пишев:

„Му кажав на Славе таму каде што мислите дека е тенко не потпишувајте записници, оставајте простор за приговор. Оти неаме контрола таму. Остајте простор, па после за уши, циган по циган ќе ги вадиме. Ха-ха…“