Во студентски домови се сместуваат семејствата на повредените кои се на лекување во Скопје

Министерството за образование и наука информира дека семејствата на повредените
од несреќата во Кочани кои во моментов се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат
услугите за сместување и исхрана на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина
Карпош, студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом
во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Партенија
Зографски“ исто така во Гази Баба, студентскиот дом „Пелагонија“ и на ученичкиот
дом во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Димитар
Влахов“, двата во Кисела Вода.
Општина Гази Баба соопшти дека во координација со Владата, а во соработка со ДУЦОР „Партенија Зографски“ и Студенскиот дом „Томе Стефановски Сениќ“ обезбедува сместување и храна за членовите на семејствата кои имаат свои повредени на лекување во болниците во Скопје.
-Во овие моменти на силна болка и тага во нашите срца потребно е да се организираме и да ја покажеме нашата солидарност, хуманост и сочувствителност, напиша на својот Фејсбук профил градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.
На секој граѓанин на кого му е потребно сместување и престој во Скопје може да се јави на следните телефонски броеви:
Игор Петрески – 075/430-106 претставник на ДУЦОР „Партенија Зографски“
Иван Симоновски – 078/292-582, директор на Студенскиот дом „Томе Стефановски Сениќ“ и
Перица Пешевски – 075/336-338 претставник на општина Гази Баба.
Дополнително, наведуваат од општина Гази Баба, ќе обезбедат и храна и вода кои ќе бидат доставени пред болниците во Скопје.
-Нашите молитви се за здравје на повредените, но и за утеха на семејствата на загинатите. Многу тежок ден за Македонија!, наведува градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.
Кон ова се приклучија и институциите од културата
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков по повод трагичната несреќа која рано утрово се случи во дискотека во Кочани, изрази длабко сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака брзо закрепнување.
Министерот Љутков порача дека сите институции од областа на културата во Скопје ги отворија вратите и се ставени на располагање за поддршка на семејствата и на сите оние на кои тоа им е потребно.