В четврток четиричасовен прекин на работата на контролорите на летање во Грција


Фото: Б. Грданоски

Со четиричасовен прекин на работата од 9:30 до 13:30 часот по локално време, Управниот одбор на Асоцијацијата на контролори на летање на Грција ги повика своите членови да учествуваат во 24-часовниот штрајк што за в четврток го закажа Синдикатот на вработените во јавниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на четиричасовниот прекин со работата се очекува да се создадат проблеми во авионскиот сообраќај од и кон Грција, со оглед на тоа што ќе бидат дозволени само одредени летови за покривање на основните потреби на општеството.

Поконкретно, дозволени ќе бидат: летови кои прелетуваат над ФИР Атина (грчкиот воздушен простор); летови кои превезуваат шефови на држави и премиери; летови на грчкото воено воздухопловство, кои учествуваат во оперативни мисии и планирани вежби; летови на авиони кои се соочуваат со невообичаени околности или се во вонредна состојба; медицински летови, летови со хуманитарна помош, како и летови на авиони за потрага и спасување.