Ужасна слика од кругот на „8 Септември“ во состојба на епидемија
Расфрлани кревети, носилки, „чизма“ од мијалник, медицински ракавици, зелена медицинска крпа, марамче, но и нешто запалено во кругот на болницата „8 Септември“ во Скопје е моменталната слика за болничката институција каде се лекуваат болни од Ковид-19.
Во неа, според последниот извештај на Министерството за здравство се лекуваат 79 пациенти, од кои пет се на респиратор.
До нашата редакција пристигнаа фотографии на читателка, која била во болницата „8 Септември“ на рентген.
Таа се чуди, како може, во состојба на епидемија, кругот на болницата да изгледа вака запуштено.
Дополнително била изненадена од чадот кој се издига од нешто запалено во близина инфективното одделение, каде лежат најтешко болните од Ковид-19.
– На инфективно се чека ред за преглед минимум 90 минути, а глетката е апокалиптична, пациентите си чекаат групирани пред влез – додава таа.
Од денеска, со одлука на Владата, забрането е групирање на повеќе од четири лица на јавен простор преку целиот ден, што ќе трае најмалку во следните седум дена.