Утре жешка седница на Уставниот суд
Уставниот суд од утрово ќе расправа за неколку жешки теми кои во последниот период ја окупираат јавноста. Најавата е дека денес ќе се донесе конечна одлука за оспорувањето на Законот за данок за солидарност, за што поднесоа иницијатива компанијата Финмак, Стопанска комора на Република Северна Македонија, ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ,Стопанска комора на Северо-Западна Македонија и Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зекири + Партнер ДОО.
На дневен ред ќе биде и предметот за Работничкиот дом, во кој се спори пресудата на Врховниот суд од страна на синдикалниот лидер Слободан Трендафилов и 15 други граѓани. Во Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека им е повредено правото на здружување од членот 20 од Уставот и правото на недискриминација од членот 9 од Уставот. Меѓу другото, во барањето се наведува дека со оспорениот поединечен акт им е оневозможено слободно управување, користење и располагање со членарината, односно синдикалниот имот кој е создаден со истата и им е извршена повреда на уставно загрантираната слобода на здружување заради остварување и заштита на економско-социјалните права и уверувања.
Во барањето се наведува дека лишувањето од правата во однос на Работничкиот дом изграден од синдикална членарина претставува повреда на нивната слобода на здружување. Со оспорената пресуда на Врховниот суд, подносителите наведуваат дека им е извршена дискриминација по основ на политичко уверување и општестевен статус.
Уставниот суд исто така ќе расправа по барање на расрешениот директор на Агенцијата за разузнување Еролд Муслиу кој наведува дека бил дискриминиран по основа на пол и на политичка припадност, во врска со членот 9 од Уставот.
Во барањето е наведено дека оспорената одлука не содржи никакво образложение од кое може да се утврди дека е разрешен поради нестручно и несовесно извршување на функцијата, како што официјално било наведено во Одлуката. Подносителот наведува неколку медиумски објави со кои укажува дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова од моментот на стапувањето на функција до моментот на донесување на спорните одлуки, остварувала информативни средби со други раководни лица, заобиколувајќи го него како раководител на Агенцијата за разузнавање. Подносителот наведува дека политичката дискриминација е вршена меѓудругото и на начин што одредени лица од политичка партија најавувале кадровски смени и ново раководство, иако немаат надлежност за тоа, во што се препознава новиот контроверзен директор на АНБ Бојан христовски.
Во врска со дискриминацијата по основ на пол, наведено е дека претседателката го разрешила поради фактот што е маж, откако во едно интервју изјавила дека треба да се внимава на застапеноста на жените на највисоките функции.