Утре завршуваат ограничените новогодишни цени


Фото: Б. Грданоски

Денеска е последниот ден од новогодишната кошничка. Со оваа акција 1200 производи се продаваа по намалена цена од најмалку 10 %, а од утре ќе се знае дали повторно цените на производите ќе поскапат.

Од Владата се надеваат дека нема да има драстично поскапување на производите и засега остануваат само на апели.

„После завршувањето на новогодишната кошничка, еден апел до бизнис секторот да го задржат нивото на цени, бидејќи целта на самата кошничка беше и задржување на инфлацијата на едно стабилно ниво. Знаеме дека во текот на годината, комплетната инфлација изнесува 3,5%, односно во овие периоди кога имавме неприродно зголемување на цените на прозиводите, кога има зголемени трошоци, како што беше нова година и празниците, успеавме да ги стабилизираме цените во интерес на граѓаните, а на голем дел од тие производи и да бидат намалени, вели заменик министерот за економија“, Марјан Ристески.

Во меѓувреме на важност стапи Законот за нефер трговски практики кој предвидува големи казни за трговците и добавувачите.

„Рабатот е ограничен на 10 проценти во текот на годината. Сето тоа ќе создаде еден ред во сета таа работа со трговските практики каде рабатите биле големи, и до 35-40 проценти. Очекуваме на подолг рок да имаме стабилизирање на цените на производите, во интерес на крајните купувачи, односно граѓаните. Овој Закон е од голем интерес и важност, бидејќи првпат се спроведува во Македонија и е по директива од Европската Унија“, потенцираше Ристески.

Со законот се опфатени 2.546 производи по тарифен број и 26 нефер трговски практики.