Утре расправа за гласање доверба на грчката Влада


Грција – Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, како што и најави, во грчкиот Парламент достави иницијатива за гласање недоверба на алтернативниот министер за здравство на Грција, Павлос Полакис, предлог кој грчкиот вицепремиер и министер за економија го претвори во инцијатива за гласање доверба на Владата.

Расправата, според одлуката донесена на состанокот на претседателите на Парламентот, предвидено е да почне утре попладне, да трае три дена, а гласањето доверба да се одржи во петок на полноќ.

Мицотакис објаснувајќи ги причините за доставената иницијатива за гласање недоверба на алтернативниот министер за здравство наведе дека тоа е поради „политичко однесување на Павлос Полакис, со што е премината секоја демократска граница“.

– Слушајќи Ве, господине Мицотакис, целосно сум убеден дека вашиот проблем не е Полакис, туку Ципрас и влијанието што го има врз луѓето и Европа. Вашиот проблем е СИРИЗА за која Вие мислевте дека е несреќа, а се покажува дека беше резултат на потребата на општеството, која останува и се зајакнува. Вашиот проблем е тоа што оваа Влада создаде можности за да почне да ги решава проблемите на народот, наведе вицепремиерот и министер за економија, Јанис Драгасакис во неговиот одговор до лидерот на Нова демократија.