Скопјани утре ќе се разбудат со топли радијатори, но во 103 згради сè уште не се отстранети пречките


Поради падот на надворешните температури од утре, 7 октомври, започнува грејната сезона 2021/2022 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува БЕГ.

Како што посочуваат од компанијата за утре, 7.10.2021 година, се создадени надворешни услови за производство и испорака на топлинска енергија.

„Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозата за средна дневна температура од  11,8 Целзиусови степени за Скопје за 7.10.2021 година од Управата за Хидрометеролошки работи“, се вели во соопштението до медиумите.

Во моментов во 103 колективни станбени објекти, кои се приклучени на системот за централно греење, сè уште не се отстранети пречките кои се во надлежност на потрошувачите и заедниците на станари за да може грејната сезона  да започне навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено. Во околу 40 објекти не е обезбедено напојување на топлинската станица со електрична енергија, а во 63 не се отстранети дефектите во внатрешната грејна инсталација или истото не е пријавено во Центар за грижа за потрошувачи на Снабдување со топлина Балкан Енерџи.

Од БЕГ велат дека Снабдување со топлина Балкан Енерџи постојано контактира со потрошувачите и Заедниците на станари за отстранување на пречките, со цел грејната сезона да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено. Затоа во изминатиот период повеќе од 1.300 потрошувачи се телефонски контактирани и испратени се повеќе од 430 писмени ивестувања до потрошувачите и до Заедниците на станари. 

„Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици за ставање во функција на сите објекти дополнително ќе придонесе за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија“, се вели во соопштението.

За сите неопходни информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во нашиот Центар за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100, а подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на Снабдување со топлина Балкан Енерџи https://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/