Утре средба Џафери – Пендаровски


Фото: Б. Грданоски

Новиот шеф на државата Стево Пендаровски ќе се сретне утре претпладне и  со претседателот на парламентот Талат Џафери, откако минатата седмица ја имаше првата средба со премиерот Зоран Заев.

Средбата со Џафери е битна првенствено поради непотпишаните закони што на Пендаровски му ги остави во наследство неговиот претходник Ѓорге Иванов. На тие закони, покрај потписот на Џафери, треба да стои и потпис од шефот на државата.

Пендаровски веќе ги потпиша законите што беа донесени со двотретинско мнозинство и кои се дел од реформите во правосудството, а за кои шефот на државата нема право на вето.За оваа седмица тој најави дека ќе потпише нова тура закони што беа донесени во трето читање откако Иванов ги врати еднаш кај пратениците.

Исто така, Џафери, како претседател на парламентот, е овластен да го заменува шефот на државата во ситуации кога тој би бил спречен да ја извршува должноста.

Претседателот на парламентот по функција е и член на Советот за безбедност, кој е во надлежност на претседателот на државата.