Утре сообраќаен хаос во Скопје – Аеродромци протестираат од 15 до 18 часот

Утре, граѓани на Аеродром ќе протестираат против Вардариште со променета саатница. Односно, како што велат од иницијативата „Стоп за Вардариште“, поради игнорантскиот однос од инситуциите, протестите се интензивираат!
Речиси еден месец дел од жителите на Аеродром, Ново Лисиче, а понекогаш поддржани од жители од Маџари, ја блокираат крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“, меѓу двете општини Аеродром и Гази Баба, кои најмногу страдаат од чадот од Вардариште.
Покрај тоа што беа поканувани надлежните од локалната самоуправа и од централната власт, сепак никој не дојде да им даде одговори како и кога планираат да го решат проблемот со Вардариште, депонијата во близина на Вардар, каде често се пали ѓубрето, а чадот го дишат скопјани.
Од иницијативата, бараат:
• Воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор на депонијата Вардариште.
• Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување на Вардариште.
• Итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на територијата на Вардариште.
• Поставување на ограда околу Вардариште.
• Започнување на процес за конечно затворање на Вардариште.
• Откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите.
• Ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште
Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром. До сега, не добиле одговор од ниту една институција.