Утре Вучиќ ќе ги донесе вакцините на „Фајзер“, кинеските од 15 февруари
Премиероот Зоран Заев изјави дека е можно вакцините „Фајзер“ од Србија да пристигнат уште утре во земјава, а кинеските вакцини на „Синофарм“ на 15 или 16 февруари. Според она што се дознава нив лично ќе ги донесе српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ќе му ги предаде на македонскиот премиер на граничниот премин „Табановце“.
„Во делот на вакцинацијата ние секој ден се надеваме час поскоро да стигнат вакцините. Имаме најава дека дури и утре, но сѐ уште немаме потврдено, и затоа нема да кажам детали дека може да се случи да стигнат први вакцини во нашата земја, тоа ќе го знаеме денеска попладне. За кинеските вакцини очекуваме испораката да биде на 15-16 февруари. Денеска очекувам да се случи плаќањето од страна на нашата земја за да може да се испланира пакувањето, обезбедувањето на превозот од Кина на овие 200 илјади вакцини до овде во Скопје. Така што само неколку денови се пред нас кога ќе стигнат вакцините“, рече Заев на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
Според него, она што е многу важно, е што системот за вакцинација е целосно подготвен.
„Очекуваме ‘Фајзер’ вакцини, очекуваме ‘Синофарм’ вакцини најбрзо да дојдат. Отворени ни се механизмите за набавка на ‘Фајзер’, ‘АстраЗенека’ и ‘Модерна’ преку КОВАКС-системот, преку ЕУ секој ден очекуваме ново решение. Комесарот Вархеи најави 70 милиони евра, зборува дури и за авансно плаќање да се платат само час поскоро за на Западен Балкан да стигнат вакцините“, вели Заев.
Тој посочи дека нашиот договор со „Фајзер“ е за испорака на 5.850 дози вакцини некаде во втората половина на февруари.
„Верувам дека сите ќе ја преземеме одговорноста и апелирам, почнувајќи од мене да ја примиме вакцината за да можеме брзо да го стекнеме имунитетот во целата оваа наша земја заради тоа што влијае комплетно не само на здравствениот аспект и сочувување на здравјето и животот на нашите граѓани, туку и економските аспекти, нормалната живеачка, социјалниот живот кои исто така се многу важни. Верувам дека сите ќе се вклучиме паралелно во испраќањето на пораката за час поскоро да се прими вакцината“, порача Заев.