Усвоени десет заклучоци од Јавната расправа за зајакнување на безбедноста во сообраќајот

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците усвои десет заклучоци од Јавната расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот, одржана на 7 февруари годинава во Собранието.
Едногласно со 14 гласа „за“ собраниската Комисија, денеска ги усвои заклучоците со кои се укажува на потребата од:
1. Намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај преку подигнување на одговорноста и свеста на сите учесници во сообраќајот и преку елиминирање на неказнивоста на сторителите;
2. Заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за безбедност во сообраќајот Законот за јавните патишта, Законот за извршување на санкциите и нивно меѓусебно усогласува најдоцна до крајот на 2025 година;
3. МВР да ги забрза активностите околу целосно и ефикасно имплементирање на системот „Безбеден град“, кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци најдоцна до крајот на годинава
4. Меѓуресорски стратешки акциски план за забрзување на активностите за вмрежување меѓу МВР со судовите и обвинителствата со што ќе се овозможи побрза комуникација и намалување на можностите од злоупотреба на системот;
5. Судовите својата работа да ја темелат на почитување на законските начела со посебен акцент на непристрасноста, да ги применуваат законските одредби во целост и изречените казни да се во согласност со тежината на прекршокот и да се имаат предвид мерките кои може да се применат да ја спречат можноста од повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот;
6. Надлежните институции да обезбедат поголема контрола на Авто школите и постојана едукација на инструкторите;
7. Надлежните институции да обезбедат поголема контрола во Центрите за техничка контрола на исправноста на возилата во сообраќајот;
8. Превентивни мерки со предлог Акциски план за нивно реализирање и се препорачува РСБСП да ги засили своите активности во насока на подигање на јавната свест, притоа истакнувајќи ја личната одговорност на секој поединец кој на било кој начин учествува во сообраќајот;
9. Поттикнување од едукативно-превентивни мерки во градинките и училиштата во однос на сообраќајната култура и спречување на насилството;
10. Медиумите да ја имаат во предвид важноста на едукативните програми и содржини како превентивни мерки за спречување насилно однесување во сообраќајот и во сите области од секојдневното живеење;
Заклучоците ќе бидат доставени до Владата, РСБСП, АВМУ и сите поканети учесници на оваа јавна расправа, а ќе бидат објавени и на веб-страницата на Собранието.