Усвоен основниот концепт на Законот за плати


Меѓуресорска работна група, формирана од претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, од Министерството за финансии, од Министерството за труд и социјална политика и од Генералниот Секретаријат, заедно со експерти на СИГМА, изработи драфт Закон кој ги регулира правилата по кои во иднина ќе се уредуваат платите во јавните институции.

Законот ги опфаќа сите 1.346 институции на јавниот сектор со 132.088 вработени кои се опфатени со Законот за вработените во јавниот сектор, сите избрани и именувани лица, како и вработените во сите трговски друштва во целосна државна сопственост или во сопственост на единиците на локалната самоуправа.

Законот предвидува врз основа на правилата во законот да има повеќе различни области, и тоа:

–           Законодавната власт,

–           Извршната власт,

–           Судската власт,

–           Локалната самоуправа,

–           Избраните, именуваните и назначените лица,

–           Трговските друштва во целосна државна сопственост.

Во рамките на секоја од овие области може да се уредат еден или повеќе потсистеми. На пример, во рамките на извршната власт ќе има еден потсистем за државните органи, еден потсистем во образование, еден потсистем за здравство, еден потсистем во култура итн.

Основниот концепт на Законот за плати, на предлог на МИОА беше усвоен на синоќешната седница на Владата на Република Северна Македонија, со што е исполнета уште една предвидена цел.

Премиерот Димитар Ковачевски минатиот месец информираше дека се изработува нов закон за плати со којшто ќе се дефинира најголемата плата во јавните институции, врз основа на која сите плати потоа ќе бидат унифицирани, односно ставени во конзистентна рамка.

-Мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата, особено на раководните лица, изјави премиерот  Ковачевски, посочувајќи дека со сегашната регулатива со која што има има неконзистентност на платите.