Уставните амандмани ќе дојдат во Собрание пред летото, Маричиќ не е сигурен за исходот (Видео)

БРИСЕЛ – Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, денес по скринингот во Брисел рече дека очекува амандманите за промена на Уставот да влезат во процедура во Собранието пред летото и дека идеално би било тоа да се случи пред јули.
Според него, наредните недели Министерството за правда ќе го отвори процесот и за две до три недели ќе бидат формулирани амандманите за Уставот со кои треба да се внесат Бугарите и други малцинства во него и да се исполнат практично условите за втората фаза од почнувањето на преговорите за членство на Македонија. Тој порача дека отсега не може да каже дали ќе се успее со уставните промени и дека тоа е „прашање за милион долари“.
„Можам да кажам дека ние ќе се потрудиме и ќе направиме се оваа година, до крајот на скринингот, да ја завршиме обврската од Преговарачката рамка со двотретинско мнозинство да го смениме Уставот и да внесеме неколку заедници во него – во Преамбулата и во делот на Комитетот за меѓунационални односи на Собранието“, истакна Маричиќ.
Тој исто така најави дека престојот на високите европски функционери, Жозеп Борел и Оливер Вархеи, во Македонија неделава ќе бидат искористени и за разговори околу тензиите што се креираат повторно од Бугарија.
„Ние ќе ги искористиме тие средби и таа можност за да порачаме дека е важно, ако сакаме да се успее со францускиот предлог, партнерски да настапуваме и од Скопје и од Софија, што, за жал, сега не е така“, рече Маричиќ.
Тој изрази жалење што сега во време на предизборната кампања во Бугарија, има настапи на бугарски политичари кои не се секогаш партнерски, додавајќи дека очекува тоа да се смени по завршувањето на изборите.
Борел и Вархеи в петок во Скопје ќе учествуваат на седницата на Советот за стабилизација и асоцијација, настан кој, според Маричиќ, е многу важен.
„Обично тој се случува овде во Брисел и сега првпат практично целата структура на Советот од европска страна доаѓа во Скопје за да ја одржи оваа седница. Тоа е одличен сигнал сам по себе“, нагласи вицепремиерот Маричиќ. (С.Ј.)