Уставниот суд со поддршка на ЕУ отвора јавна дебата за потреба од носење на Закон за Уставниот суд

Уставниот суд со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, преку механизмот ИПА 3, на 28.04.2025 година организира тркалезна маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?”, со што ја отвора оваа тема која децении наназад се појавува во јавниот дискурс, без конкретни заклучоци.
Настанот ќе го отвори претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, заедно со Претседателката на Република Северна Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Н.Е. Михалис Рокас. Воведен збор и осврт на темата ќе даде амбасадорката на СР Германија, Н.Е. Петра Дрекслер и амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Прајс Агелер.
Овие обраќања Уставниот суд ќе овозможи да се емитуваат во живо на официјалната веб-страница и Фејсбук профил, со поддршка на Медиумската информативна агенција (МИА), за да може поголем број граѓани кои имаат интерес за да се информираат на конкретната тема, да ја следат во живо.
Во рамки на овој настан ќе биде презентирана Студија која е изработена од страна на тројцата правни експерти ангажирани од ИПА 3 проектот, Карстен Манке, Мартин Сопронов и Маргарита Цаца Николовска.
Студијата ги обработува правните, компаративните и практичните аспекти на постојната положба и функционирањето на Уставниот суд и анализира дали постои потреба од донесувањето посебен Закон за Уставниот суд. Таа е изработена преку компаративна анализа, анализа на националната законска рамка и консултации со релевантни чинители, во периодот од октомври 2023 до април 2025 година.
На настанот ќе се обратат и судиите на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и проф. д-р Ана Павловска-Данева.
Како говорници се предвидени и професорите по уставно право, проф. д-р Татјана Каракамишева, проф. д-р Денис Прешова, проф. д-р Јетон Шасивари и проф. д-р Рената Тренеска Дескоска.
Свој придонес во дебатата ќе дадат и претставници од невладиниот сектор: Дарко Аврамовски од „Коалицијата – Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.
Со оваа тркалезна маса, Уставниот суд ја официјализира соработката со ЕУ проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените правни акти и заштита на човековите права“, финансиран од Европската Унија.
Проектот има за цел да ја зајакне улогата на Уставниот суд во унапредувањето на владеењето на правото, заштитата на основните права и унапредување на транспарентноста во неговото работење, согласно европските стандарди.