Уставниот суд ја замрзна графата на Лога за етничка припадност, тој вели дека тоа е беспредметно
Додека судиите одлучат за упатството на министерот, ќе важи времената мерка, односно во изводите нема да се става графата за етничка припадност

Седницата на уставните судии ја следеше и министерот за правда од публика.
По ваквата одлука, министерот Лога рече дека се отвора Пандорината кутија, бидејќи, според него, во многу наврати не бил почитуван уставниот рок за објавување на подзаконски акти во „Службен весник“. Подоцна демантираше дека рекол дека не се почитувало вметнувањето графа за етничка припадност, како што објавија некои медиуми.
Министерот Лога подоцна, на брифинг со новинарите рече дека времената мерка која ja изрече Уставниот ќе биде беспредметна и наскоро ќе биде изработен прочистен текст. Тој рече дека одлуката на Уставен била „купување време“.
„Јас ја почитувам нивната одука за времена мерка и најавувам дека ќе има нов прочистен текст на упатството кој ќе биде деновиве пуштен за објавување. Со тоа времената мерка ќе биде беспредметна“, рече Лога. Тој нагласи дека нема да покренува нова иницијатива во врска со други акти и заради процесни забелешки, како Законот за јазици и за Законот за Преспанскиот договор.
Министерот Лога најави дека утре ќе достави десетици иницијативи до Уставниот суд за прекршување на уставниот рок со кој е предвидено секој закон и правен акт донесен од институција да се објави во „Служебен весник“. Досега во изводите имаше графа за државјанството, но не и графа за национална припадност.
И поранешната министерка за правда, Рената Треневска-Дескоска се изјасни дека графата за националност во изводот не е законска и дека очекува Уставен суд да го укине Упатството за матични книги. За Лога, Дескоска е лош пример за министер.
„Дескоска може да дава изјави како професорка, како министер е лош пример бидејќи таа сама се назначуваше преку Владата како член на Венециската комисија, иако во тој момент беше и потпретседател на партијата. Ако таа се повикува на европските и меѓународните стандарди, тогаш е една од оние министри кои ги прекршиле тие стандарди. Ова го нема во ниту една земја во светот“, рече Лога.
Според него на Дескоска ѝ недостигала храброст во одредени ситуации.
„Немаше храброст за уставните измени, за Преспанскиот договор, да поминат преку оваа институција. Првпат и како преседан таа се повикува на добри пракси и стандарди во Европа и во светот, првпат во историјата на оваа држава, верувам и во другите држави, бара сите тие уставни измени да одат преку МНР, што за мене лично е голем срам“, рече Лога.
Со упатството се воведува нова графа националност во изводот од Матичната книга на родените, венчаните и умрените, што според експертите задира во сензитивните заштитени податоци. Уставните судии ќе треба да пресечат дали одредбите од упатството го кршат Уставот.