Уставниот суд ја укина одлуката на владата ИВЗ да отвори училиште


 

Уставниот суд денеска ја укина Одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – сeло Кондово во  Скопје,која е донесена од страна на Владата на 26 март 2024 година. Судот оцени дека одлуката на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи дала согласност Исламската верска заедница да биде основач на средно училиште- гимназија.  

Ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта. Исто така содржината на одлуката не е во согласност со Амандманот VII од Уставот според кој  верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија.

Судот ги прифати како основани наводите во иницијативата дека со донесувањето на оспорената одлука Владата ја повредила уставната одредба за одвоеност на државата од верските прашања.