Уставниот суд домаќин на регионална конференција за зголемување на јавната доверба во уставните судови


Фото: Б. Грданоски

Уставниот суд во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), денеска и утре во Охрид ќе ја одржи регионалната конференција со централна тема „Како да се зголеми довербата на јавноста во уставните судови“.

Во фокусот на конференцијата е градењето и зајакнувањето на јавната доверба во уставните судови, со посебен акцент на независноста и кредибилитетот на уставното судство, транспарентноста, комуникацијата со јавноста и современите предизвици со кои се соочуваат институциите во услови на забрзан информациски и технолошки развој.

Целта на конференцијата е преку размена на регионални и европски искуства да се отворат прашањата за тоа како уставните судови ја градат и одржуваат довербата на јавноста и како, притоа, ја зачувуваат својата независност и институционален авторитет.

Конференцијата, како што соопштија од Судот, ќе ја отворат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и Штефан Пирнер, раководител на проектниот оддел за Западен Балкан при ИРЗ.

Во рамки на панел-дискусиите ќе учествуваат претседатели и судии на уставните судови од регионот, меѓу кои Мирсад Ќеман, претседател на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија Татјана Васиќ-Бозаџиева и Осман Кадриу, како и претставници на уставните судови на Црна Гора и Србија.

Свое излагање ќе има и Winfried Schubert, поранешен претседател на Уставниот суд на сојузната покраина Бранденбург и поранешен претседател на Вишиот покраински суд во Наумбург, Германија, кој ќе говори за развојот и улогата на германското уставно судство, неговата јавна прифатеност, предизвиците и институционалната отпорност.

На конференцијата ќе присуствуваат и претставници на ИРЗ, дипломатскиот кор, академската заедница, судии.