Уставниот и Управниот суд ќе решаваат ако се спорат изборите заради независните

Спикерот Гаши изјави дека нема информации за некаков таков договор меѓу СДСМ и ДУИ за да се создаде хаос на изборите, како шти изјави премиерот Мицкоски


Африм Гаши на брифинг со новинарите

 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, не гледа нов обид да се реши проблемот со учеството на независните кандидати на изборите, откако на скандалозната собраниска седница  ДУИ ги блокираше изборните измени – така што не дозволи да се обезбеди мнозинство според Бадентер. Тој најави уште две седници во септември на кои треба да поминат законите што се веќе во процедура за да можат потоа да се дистанцираат како Собрание од изборите.

„Нема од никого таква најава. За жал, вака ќе одиме на избори“, соопшти Гаши на брифинг со новинарите. 

На прашањето зошто воопшто ја свикал седницата кога не обезбедиле мнозинство за измените и дали можеби имале договор што пропаднал, бидејќи се трошеа народни пари за нешто што се претвори само во политички маркетинг, Гаши рече дека морале да пробаат.

„Имаше обид заеднички да ги донесеме изборните измени. Ако не ја свикавме седницата ќе испаднеше дека Собранието не се обидело воопшто и не ќе знаевме кој е ‘за’, а кој е ‘против’. Сакавме да ја искористиме и последната можност, а и институциите правеа притисок тој закон да се стави на дневен ред“, рече Гаши.

Околу забелешката дека седницата била само политички маркетинг бидејќи процентот за потписи за независните во предлогот на власта речиси не се разликуваше од претходниот што го отфрли Уставниот суд и дека практично само ја упропастил шансата со нејзиното свикување, Гаши  негираше дека имал таква цел.

„Не ја свикавме седницата заради маркетинг. Сакавме да го донесеме законот за изборни измени, дури и направивме компромис со Левица“, посочи Гаши. 

Околу оценката дека сега, кога учеството на независните се регулира само со правилник, секоја институција може да го оспори изборниот процес (особено ако освојат многу гласови и тоа не им се допаѓа), Гаши рече: 

„Сѐ што можевме, направивме. Ако има оспорување, оставаме на Уставниот и на Управниот суд да донесат одлуки, а ние ќе ги испочитуваме“. 

Иако постојано се оградуваше од можноста да дава политички оценки, во смисла дека тоа не е во описот на неговата работа како претседател на Собранието, иако е втора највисока политичка функција во државата, Гаши сепак тврдеше дека многу мал број закони, за кои не знаеше број, се блокирани во парламентот бидејќи власта не може да обезбеди Бадинтерово мнозинство. Практично, не помагаат ни заканите на министерот Игор Филков дека треба да се преиспита овој механизам, бидејќи и за тоа ќе им требаат гласовите на ДУИ. Епилогот е дека, освен хаосот што се предизвика со учеството на независните кандидати (за кој јавноста верува дека има општ консензус меѓу партиите да се спречат, како и да гласаат партиите), од мај стои заглавен и законот за измени во локалната самоуправа, со кој требаше да се спречи и по овие избори да има ‘Данели’ како градоначалници, односно без оглед што и колкава поддршка да имаат, никој да не може да ги смени. Според Гаши, овие измени ќе се најдат на дневен ред по изборите, што значи дека ако успеат да ги изгласаат со Бадентерово мнозинство, ќе важат не за новоизбраните градоначалници – туку за тие што ќе бидат избрани по нив. 

На Бадентер чека и изборот на новиот народен правобранител, кој исто така е заглавен во Собранието, а Гаши не „знаеше“ дали е поради несогласување околу кандидатот за кој опозицијата тврди дека е партиски кадар, или околу концептот, но нагласи дека оваа институција е многу битна за државата и за изборите и дека треба да биде избран што побргу. Со порака потоа – ако е до името на кандидатот да се договорат за друг, но без одговор што ако е проблем ДУИ и ако и натаму сакаат да покажуваат дека без нив не може да функционира власта. 

Гаши рече дека не е негова работа ни да разговара со премиерот кога ќе биде најавената реконструкцијата на Владата, во ноември или во декември, и дали ќе ги опфати само ресорите чии министри се кандидати за градоначалници или ќе има и ротирања. 

Околу инцидентот на спортскиот натпревар во Куманово, на кој се извикуваа слогани против Албанците, Гаши рече дека колку што знае за првпат е покренато обвинение и лично жали што спортските терени се претвораат во арени, односно поле за политички пресметки бидејќи тоа не е во ред.

„Добро е што се реагираше. Спортот не е место за испраќање политички пораки. Сите тие што го злоупотребуваат не и мислат добро  на оваа држава. Институциите треба да ги најдат и да ги казнат“, порача Гаши, повикувајќи сите да придонесеме спортските терени да си останат тоа. Ниту тој ниту пак албанските новинари, сепак, не го споменаа вчерашниот инцидент во Штип каде што татко на фудбалер на Шкупи почна да тепа играчи пионери од спротивниот тим, а во тоа се приклучија и други, кој беше пострашен бидејќи во болница со тешки поврдени завршија две деца.

„Проблемот е што ние секои избори ги правиме како да се прашање на живот или смрт“, изјави  Гаши, но не за овој настан туку за прашањето дали има сознанија за некаква тајна соработка меѓу СДСМ и ДУИ за изборите.

„Нема информации за некаков таков договор меѓу СДСМ и ДУИ. Такви информации не дојдоа до мене. Проблемот е што ние секои избори ги правиме како да се последни, како да се за живот или смрт. Локални избори треба да бидат за тоа што градоначалниците треба да понудат. Ние имаме многу проблеми во комунална сфера и кандидатите треба да се насочат кон комунална сфера“, потенцира Гаши. Затоа, тој најави дека освен партиите во ДИК и во Собранието има иницијатива за потпишување на декларација за фер и демократски избори.

„По тој просес очекувам декларацијата да биде усвоена со консензус на собраниска седница предвидена за 12 септември. Мислам дека тоа ќе најде на позитивна реакција кај граѓаните. Ова ќе биде за првпат од страна на Собранието да се донесе вакво документ со кој ќе испратиме посилна порака до граѓаните“, рече Гаши.