Уставен суд ќе решава дали материјалите од прислушувањето можат да се користат како докази
Уставниот суд денеска ќе расправа за барањето на Светскиот македонски конгрес и на сопругот на Гордана Јанкуловска, Влатко Илиевски, во однос на Член 110 од Законот за Јавното обвинителство. Во иницијативата се наведува дека легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години, претставува груба повреда на правото на приватност и е во спротивност со критериумот „Неопходност во услови на демократско општество“ на кој упатува став 2 од Амандманот XIX на Уставот, затоа што не постоела пропорционалност со легитимната цел која требало да се постигне. Во Членот 10 стои:
(1) Јавно обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали.
(2) Исклучок од ставот (1) на овој член се предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
(3) Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.
(4) Материјалите од ставот (3) на овој член ќе се уништат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот (3) на овој член согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Според подносителот на иницијативата, членот 110 од Законот за Јавното обвинителство вршел флагрантно кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, го нарушувал владеењето на правото и не ги почитувал општо прифатените норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11), ја нарушувал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2), ја повредувал неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот (член 11 став 1), со незаконито преземените јавнообвинителски и судски постапки и изречени притвори и затвори била повредена неприкосновеноста на слободата на човекот (член 12 став 1), на лицата кои биле притворени и казнети по назаконити докази им се повредувало уставното право „никој да не може да биде казнет за дело за кое пред да биде сторено не било утврдено со закон како казниво дело“ (член 14 став 1).
Со втората иницијатива, поднесена од Влатко Илиевски, се оспорува член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство, поради повреда на владеење на правото, член 9 став 2 – еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, Амандман XIX на Уставот – неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација и член 52 став 4 – забрана на ретроактивно дејство на законите од Уставот.
Според подносителот, до поднесување на иницијативата сеуште не било докажано кој го наредил прислушувањето на материјалите кои биле искористени од страна на Обвинителството како доказен материјал за обвиненијата поднесени до судот до 30 јуни 2017 година. Легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години, претставувало груба повреда на правото на приватност и било во спротивност со критериумот „Неопходност во услови на демократско општество“ на кој упатува став 2 од Амандманот XIX на Уставот, затоа што не постоела пропорционалност со легитимната цел која требало да се постигне.