Уставен суд го поништи Законот за солидарен данок, државата ќе враќа 50 милиони евра на 156 компании

Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон Уставниот суд ја поведе на 20 ноември минатата година


Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок. Тоа значи дека државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на прес-конференција по денешната седница појасни дека компаниите сега имаат право во рок од пет години, доколку сметаат дека со тој закон им биле повредени правата, имаат право да бараат од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои им се повредени правата.

– Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Значи правната сигурност на субјектите во правото тие мора да имаат правна предвидливост и правната сигурност. Субјектите во правото мораат да знаат што ги чека, не може сред игра да им ги менуваш правилата на игра. Тоа е правната предвидливост, тие носат проекции и во тоа се состои суштината на владеење на правото. Кога владее правото ти знаеш што те очекува, дека оваа година на толку остварен профит, толку данок ќе платам. Се друго води кон правна непредвидливост и правна несигурност, изјави Костадиновски.

На крајот на денот, посочи Костадиновски, во услови на немилосрдна борба да привлекување странски инвестиции каква порака се праќа до економските субјекти. 

– Дека државата може по потреба кога ќе и текне да воведе данок. Овој пат е за солидарност, утре ќе биде за нешто друго. Не, таа тежина на повредата и особено ретроактивното дејство беше клучно за одлуката да биде поништувачка, изјави Костадиновски. 

Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон Уставниот суд ја поведе на 20 ноември минатата година со спојување на повеќе предмети, а на денешната седница беше донесена конечната одлука.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски појасни дека компаниите сега имаат право во рок од пет години да бараат да се поништат решенијата со кои им се повредени правата

Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.

Подносители на иницијативите се Финмак ДОО, Скопје (У.бр.179/2023), Стопанска комора на Република Северна Македонија (У.бр.183/2023), ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје (У.бр.187/2023), Стопанска комора на Северо-Западна Македонија Скопје (У.бр.190/2023) и Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зеќири + Партнер ДОО (У.бр.197/2023).

Судот, во ноември минатата година, изрази сомнеж дека оспорениот Закон ја повредува темелната вредност владеење на правото уредена со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото.

Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот.

Судот го имаше во предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок е дозволен само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги окончале односите со плаќањето на данок во 2022 година.  Судот во оваа фаза оценува дека со донесувањето на таков вид на данок, компаниите се ставени во нееднаква положба и дека Законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост,како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.  

Премиерот Христијан Мицкоски, во јануари годинава рече дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и ако Судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок ќе бидат вратени.

-Ние враќаме многу работи кои ги задолжиле претходните. Многу пати сум рекол дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука мора да ги вратиме тие пари, нема што да правиме, ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс. Воедно ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие кои донесоа одлука на ваков начин да се води економијата зашто дефакто Буџетот е оштетен, а може утре и камати да ни побараат ако донесе таква одлука Уставниот суд, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по увидот во градежни активности на патот Катланово-Градманци во општина Петровец.

Нагласи дека одлуките на Уставниот суд се конечни и не може да се коментираат и додаде дека станува збор за пари кои им припаѓаат на сите граѓани, а Владата само менаџира со нив.