Усје добива нов лик: Завршува изградбата на новата улица

Привршува изградбата на нова улица во населбата Усје, која значително ќе го унапреди квалитетот на живот на жителите во овој дел од општина Кисела Вода. Се работи за сосема нова улица со должина од 180 метри и површина од 900 квадратни метри, која е целосно поплочена со бехатон, односно павер елементи. Оваа улица се гради во делот каде што никнуваат нови домаќинства, како директен одговор на потребите и барањата на жителите од оваа населба.
Покрај новата улица, во завршна фаза е и обемниот зафат за целосна реконструкција на сите улици во населбата Усје, кој се реализира како дел од стратегијата за инфраструктурна обнова на општина Кисела Вода. Пред почетокот на овие градежни активности, беше изградена и фекална канализација, со што се создадени целосни услови за урбан развој на оваа населба.
– Оваа нова улица во Усје е доказ дека кога жителите имаат јасни барања, а локалната самоуправа има слух и визија – резултатите се видливи. Градиме таму каде што досега немало ништо, создаваме услови за достоинствен живот и ја спроведуваме нашата стратегија за целосна инфраструктурна трансформација на Кисела Вода. Усје добива нов лик. Во завршна фаза е и комплетната реконструкција на останатите улици во населбата, која претходно доби и фекална канализација. Со оваа и многу други завршени или започнати интервенции, Општина Кисела Вода ја потврдува својата заложба за модерна, инфраструктурно уредена и функционална локална самоуправа. Преку планска работа, реализација на ветените проекти и одговорност кон секое населено место, како локална власт градиме подеднакво подобри услови за живот за сите свои граѓани, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.