Парното ќе почне да топли од три часот по полноќ
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) го одобри дополнувањето на Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење на Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје (БЕГ) со кои се овозможува БЕГ порано да стартува со испорака на топлината во дистрибутивниот систем.
-На стартот на грејната сезона, БЕГ во неколку објекти изврши пробно тестирање преку оптимизација на испорака на топлинска енергија. Со новиот режим радијаторите уште од три часот изутрина пополека ќе почнат да се затоплуваат за да се постигне пропишаната температура од 6 до 22 часот. Оптимизираниот режим на испорака ќе овозможи да се зголеми квалитетот и комфорот на живеење. Пропишаната температура од 6 до 22 часот е загарантирана, а сметките ќе останат исти, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Новиот оптимизиран режим на испорака, додаде, ќе придонесе за намалување на осцилацијата на внатрешните температури во објектите.
-Количината на потребната топлинска енергија ќе остане непроменета, бидејќи со зголемувањето на времето на испорака ќе се намали ангажираната моќност на објектите, прецизира Бислимоски.