Уште недоизграден, битолскиот топловод ги стопли односите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

ЕСМ и Општината заедно се вклучуваат во процесот за изградба на топловодниот систем низ Битола


 

БИТОЛА – Конструктивност како никогаш досега покажуваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Битола околу изградбата на топлификацијата за битолчани. За прв пат двете спротивставени политички страни седнаа на една маса со цел градот да добие централно греење од РЕК „Битола“. На оваа вест битолчани коментираат дека топловодот иако се чинеше утопија, веројатно станува реалност, па уште недоизграден, наместо радијаторите, попрво ги стопли односите меѓу локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и централната од СДСМ.

Првиот човек на ЕСМ „Топлификација Битола“, Горан Козаров, си подаде рака со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, за и двете страни да се вклучат во процесот на изградба на топловодниот систем низ Битола. Договорот е формирање на координативно тело за побрза изградба на топлификација во која ќе учествуваат стручни лица, енергетичари, од двете страни.

Вака како што се најавува, топловодот во Битола ќе профункционира по три зими, во грејна сезона кога битолчани ги очекува нови локални избори. Топлификација за Битола е стар проект ветен од екс-градоначалникот Владимир Талески, кој не успеа да го изгради. Талески формира и јавно претпријатие, назначи дури и директор, па ископа и по некоја дупка низ градот за да каже дека почнал со изведба. Дупките ги затрупа снегот, а битолчани останаа со шпоретите на дрва. По него со многу ветувања, но со ситни чекори продолжи и екс-градоначалничката Наташа Петровска. Сега останува Коњановски во соработка со ЕСМ „Топлификација“ да покажат резултати.  

„Топлификацијата ќе стигне до 35 институции под државна и локална надлежност и тие имаат обврска само да ги подготват сопствените инсталации да ја примат топлата вода. Сите трошоци за спроведувањето на топловодот до објектите, како и изградба на топлоизменувачи во секој од нив, се на товар на АД ЕСМ. Системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година. По завршувањето на оваа фаза од изградбата, останува отворена можноста на топловодот да се приклучат и индивидуални и колективни станбени згради“, предочија од ЕСМ Топлификација по средбата со Коњановски.

Првата од трите фази за изградба на топловодот, во која се поставуваат главните цевки од РЕК „Битола“ до Битола е веќе во завршна фаза. Втората фаза ќе подразбира изградба на градската мрежа и разводните шахти, а потоа ќе се гради и системот за притоплување на водата.

Вкупната вредност на проектот „Топлификација на Битола, Новаци и Могила“ изнесува 46 милиони евра од кои 39 милиони евра се средства од КфВ банка, а 7 милиони евра се сопствени средства на АД ЕСМ.

Но, се чини дека топловодот не е единствената работа во која локалната и централната власт треба да дејствуваат во позитивен правец.

На градот му е потребна и пречистителна станица, за која и двете страни треба да покажат дека сакаат да создаваат, а не да растураат.

Пречистителната станица за општина Битола е капитален проект финансиран од ИПА 2 Програмата и изнесува 27,8 милиони евра. И тука мора да има координација на локално и државно ниво бидејќи проектот е од ЕУ фондови но реализацијата тече преку Министерството за животна средина и преку Министерството за финансии.

Со изградбата на прочистителна ќе се реши проблемот со отпадните води кои во моментот се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал, како и излевањето на канализацијата на повеќе локации во градот.

Во моментот тече постапката за евалуација на доставените понуди, во која е вклучена општина Битола и КЈП „Нискоградба“ за што подготовките започнаа пред околу 9 години.

„Големите инфраструктурни проекти, за кои општините имаат потреба од финансиска поддршка од европски и меѓународни фондови, треба да произлегуваат од потребите на граѓаните и барањата за економски напредок на општината. Проектите сами по себе се огромен предизвик и како такви треба да бидат добро осмислени, да постои координираност помеѓу локалната самоуправа и централната власт, но и да се обезбеди одржливост и на реализираната инвестиција“, смета градоначалникот Коњановски.

Бројни се примерите години наназад, па и сега кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Битола настрана од јавниот интерес, секоја си го бранеше партискиот, па пропаѓаа или се кочеа проекти важни за градот и битолчани.

Пример кога едните не ги фермаа другите е токму пругата Битола- Жабени, кога централната власт воопшто не ја консултираше локалната за потребите на ИЗ „Жабени“ и бизнис секторот.

Градоначалникот Коњановски за овој проблем токму вчера се пожалил и на панел дискусијата : „Дијалог за јавни политики за спроведување големи инфраструктурни проекти “ што се одржа во Куќата на Европа во Скопје пред амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, и претставникот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефан Худолин.

„За реконструкцијата на железничката пруга и нејзиното ставање во употреба со воз кој сообраќа до Жабени, општината беше само писмено известена. Ова е пример за проект за кој беше потребно да се направат дополнителни анализи за потребите и придобивките, а пред сѐ и да биде консултирана локалната самоуправа и бизнис заедницата. Тоа отвора многу дилеми и прашања: Дали постојат услови за железничко поврзување со Грција? Дали железничкиот сообраќај може да одговори на потребите на деловните субјекти во индустриската зона? Кои се придобивките од самиот проект за Битола?“, истакналКоњановски.

Сега пругата, изградена по високи стандарди и платена со европски пари, наместо да служи за транспорт на стоки и патници на релација Македонија-Грција, служи за деветминутно панорамско разгледување на битолско поле.