Уште едно зелено катче во Аеродром
Скопје од денеска е побогат за уште еден зелен сквер, на крстосницата меѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“ во Аеродром, кај „Палма“.
На барање на локалните жители, на оваа претходно запуштена јавна површина е поставен модерен летниковец, вметнат меѓу постојното високо зеленило, кружни клупи, патеки и нова фонтана за вода. На летниковецот е поставено иновативно осветлување, а целиот простор е дополнително облагороден со зеленило. На официјалното отворање на новиот зелен сквер „Острово“ денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, Нарине Сахакјан, постојаната претставничка на УНДП во нашата земја и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
– Ова е последната од петте локации што оваа година ги промовиравме, а коишто ги работевме заедно со Скопје Лаб и со УНДП, како една акција за уредување микро средини во која инклузивно беа вклучени и граѓаните. Тие микро средини беа уредувани во согласност со потребите на граѓаните, по основ на анкетите кои ги направивме со луѓето коишто гравитираат и живеат овде. Одбиравме сериозно девастирани површини кои можат да бидат ставени во употреба, но граѓаните не ги употребуваа токму поради тоа што беа запуштени и долги години неодржувани. Оваа парцела е на околу 1.000 квадратни метри, на раскрсницата меѓу улицата „Владимир Комаров“ и булеварот „Јане Сандански“ и е направена врз основа на потребите на луѓето коишто живеат од двете страни на булеварот. Со гордост можам да кажам дека сега кога и официјално го отвораме овој сквер за граѓаните тој е веќе препознатливо место каде што луѓето од општината Аеродром доаѓаат да ги поминуваат своите слободни часови – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој потсети дека Градот Скопје во изминативе три години сериозно инвестира во зазеленување на слободните површини во нашиот град, но и во облагородување на запуштените површини.