Уште една силна американска поддршка за уставните измени

Ако Македонија одлучи против овие уставни измени, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, рече американскиот сенатор Крис Марфи


Сенатарот Крис Марфи и премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција

 

Американскиот сенатор Крис Марфи денеска од Скопје повика македонското Собрание да ги усвои уставните имени и да го продолжи патот кон ЕУ. Тој изјави дека доколку уставните измедни не бидат изгласани тоа ќе биде многу ош сигнал за земјите членки на НАТО. Тоа е уште еден силен повик на американски политичар, било од Конгресот, било од администрацијата, кој повикува Македонија да не се колеба, затоа што тоа би било лошо за нејзината европска иднина.

„Тука сум за да се осигуриме дека САД праќаат навистина силна порака до нашите партнери и до вашите партнери во Собранието, пратениците, како и до луѓето во Северна Македонија. Ние ја поддржуваме вашата одлука да се приклучите кон ЕУ и ве повикуваме да ги преземате потребните чекори за да го овозможите ова проширување. Ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе се тргне од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние кои сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности“, рече Марфи. 

Крис Марфи, кој е член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, овие изјави ги даде на прес-конференцијата по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. Тој го потврди партнерството на двете земји во НАТО, за што сведочи, вели, обединетоста во врска со бруталната инвазија на Украина за која, како што наведе, Русија ќе плати за нарушувањето на мирот, но и за помошта од земјава „за да не оставиме ниту еден партнер сам во Авганистан заедно со нашите и трупите на НАТО“.  

„Знам, навистина знам, дека долг беше патот кон ЕУ. Знам и дека за многумина поставуваат легитимни прашања за тоа дали ЕУ е вистинската можност. Тука сум да ви кажам дека е.  Многу луѓе го кажуваа истото и за НАТО. Дека Северна Македонија никогаш нема да добие покана од НАТО. Но вие ги презедовте потребните тешки чекори за да ја овозможите таа покана. Потпишавте историски договор, којшто ја овозможи таа покана, и денес Северна Македонија е членка на НАТО Алијансата. И навистина посакувам тоа да добиеше повеќе внимание, се случи во време на ковид, и можеби не сите тука сфаќаат што значи тоа да се има безбедносна гаранција од САД“, рече сенаторот Марфи.   

Сега, додаде тој, има слични чекори коишто треба да бидат преземени со цел земјава да се приклучи кон ЕУ.

„Војната во Украина е криза, но ја разбуди ЕУ. Ја освести за потребата да ги остави вратите отворени. Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот. И затоа ова е нова реална можност за проширување, а Северна Македонија не треба да ја пропушти оваа можност. Овие уставни измени, технички измени на Уставот, се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ. Ова е нова можност која што се укажува за проширување“, вели Марфи, кој е добар познавач на регионот.

Ако Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе скршне од патот кон ЕУ, рече американскиот сенатор Крис Марфи

Приклучувањето кон ЕУ, посочи амариканскиот сенатор, значи брз економски раст, високи плати, повеќе американски компании коишто ќе доаѓаат во Северна Македонија, наведувајќи при тоа што би значело доколу не бидат донесени уставните измени

„Сакам да бидам јасен и за влијанието што тоа ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе се тргне од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние кои сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но луѓето во САД, лидерите во САД ги набљудуваат изборите што ќе бидат направени тука во следниве неколку месеци. И сите тие се надеваат дека вашата одлука ќе биде усогласена со нашите безбедносни мерки преку НАТО, и ќе биде усогласена со слична одлука да се остане на патот на ЕУ, барем во поглед на економските прашања“, вели Марфи. 

Според него, ни претстои важен избор.

„Треба да се направат избори, Русија е сериозна закана на Алијансата, на светските демократии. Ова е моментот за демократиите, демократиите во Европа да се обединат, да ги донесат тешките одлуки, за да возвратат на оваа агресија. Вашата посета на Вашингтон беше од витално значење и се надевам дека од Скопје ќе слушнеме добри вести набрзо во врска со уставните измени и патот кон ЕУ. Ние остануваме со вас за да се осигуриме како што се приклучивте кон НАТО, така ќе се приклучите и кон ЕУ“, порача сенаторот Марфи. 

Тој како и премиерот Ковачевски, посочи и на цврстото економско партнерство меѓу двете земји и дека сѐ повеќе американски компании тука работат споредено со минатото, но и дека нашата безбедност не доаѓа само преку војската, туку и преку економијата.

„Иднината на овој свет ќе биде во тоа кој ќе произведува клучни и критични технологии. Ние сакаме да се осигуриме дека се нашите партнери тука во Европа. Затоа ја споменавме и инвестицијата за компјутерските чипови. Тоа е навистина е убаво да се слушне затоа што така ние сме побезбедни“, подвлече сенаторот Крис Марфи. 

Во своето обраќање, премиерот Ковачевски рече дека и на „разговорите во Вашингтон и на денешната средба, од сенаторот Марфи добив уверување дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во сите наши аспирации, а особено кон пристапувањето во ЕУ. Тоа е комплементарно на нашето стратешко партнерство и меѓусебната поддршка која си ја даваме низ веќе долг и значаен период од првиот ден од нашето осамостојување“.

Тој нагласи дека силното партнерство се гледа и во економијата. „Трговската размена со САД лани изнесуваше четврт милијарда долари. Во моментов имаме 12 големи американски компании кои доаѓаат од САД и од Канада. Повеќето компании се од автомобилската индустрија, но дел влегуваат и во енергетиката и електрониката“. (Н.В.)