Уште една графичка новела во ТРИ: „Големите пространства“ од Катрин Мерис


 

Издавачки центар ТРИ продолжува да ја следи европската книжевна сцена и во домашно издание на македонски јазик ја објави популарната графичка новела од француската авторка и илустраторка Катрин Мерис со наслов „Големите пространства“.

Книгата е во превод на Офелија Ковиловска, од оригиналниот француски текст. „’Големите пространства’ е прекрасен потсетник дека уметноста и природата – сè што расте, сѐ што живее наспроти сите препреки, секогаш ни нудат шанса за нов почеток“, велат од ТРИ.

Авторката е веќе позната во Франција и во регионот не само како писателка туку и како авторка на стрипови, илустраторка и аниматорка. Претходно, во 2008 година, ја има објавено „Моите луѓе од букви“, посветена на француските книжевни ликови. Во меѓувреме илустрирала за неколку списанија, а од 2005 до 2015 година работела за сатиричното списание „Шарли Едбо“, во чиј тим била единствената уметница. Сепак, „Големите пространства“ отскокна од сè што досега има создадено и изврши големо влијание покренувајќи нов бран, нов тренд за анимација. Понуди нова димензија на стрипот со силна порака која поттикнува сериозни и значајни теми. Оваа графичка новела отвора магичен портал кој носи кон широки пространства полни со мирисливи цвеќиња наспроти студениот, зачаден град.

Актуелна повеќе од кога било, оваа ангажирана проза и специфичните и несекојдневни илустрации, кои се доказ за уметничката страна на Катрин Мерис, повикуваат на дејство – соочување со урбаноста и враќање кон природата и старите вредности, кон животот во една поинаква средина што се чини дека ја заборавивме.

Суштината на ова дело ја резимираше Наташа Атанасова во својата критичка рецензија: „повеќеслојна книга која претставува суптилен повик кон човештвото да се врати на своите корени, признавајќи ги големината на природата, моќта на културата и нивната еднаква важност“.

И оваа графичка новела е дел од едицијата „Нашите приказни“, поддржана од Европската Унија. Со книгите од овој проект ТРИ имаат за цел да ги доближат и до македонските читатели европските популарни автори и книги кои веќе имаат свое место во светската литература поттикнувајќи позитивни промени во светот.

Книгата е достапна во сите книжарници на ТРИ.