Уште еден црвен аларм за состојбата во образованието
Оставката на заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов го вклучи алармот во и онака кревкото образование на сите нивоа. Тој во јавното писмо до премиерот Зоран Заев подвлекува дека и претходно укажал дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжат со ова темпо може да се очекува образованието да го реформираат за 10 до 15 години.
Погрешен ли е моментот на оставката на Атанасов во периодот кога предлог- законот за основно образование е изготвен и ставен на јавен увид на ЕНЕР. Во него се внесени новини. Се предвидува во новата учебна година да нема намалување на бројот на часови бидејќи сегашната состојба покажува дека учениците до 14 години имаат над 900 часа помалку од своите врсници од земјите на ОЕЦД. Намалување ќе има на бројот на ученици во паралелка. Сега минималниот праг е 24 ученици, а максимумот 34, но се предлага минималниот праг да биде 20 ученици во паралелка, а максималниот 30. Во одделенската настава од прво до петто одделение на часовите по предметот физичко и здравствено образование ќе се вклучи и наставник по физичко.
Од друга страна, не е целосно имплементиран Законот за високо образование кој мината година беше усвоен во Собранието, но досега не беа усвоени статутите на сите универзитети. Сè уште не е формирана Агенцијата за квалитет во високото образование иако е започната постапката, а одлуката за неа помина на Владата во декември минатата година.
Еден од проблемите што го посочуваат професорите е начинот на финансирање на високообразовните установи, за што надлежните најавија дека моделот на финансирање ќе се модифицира и новиот концепт ќе има три компоненти. Така, на пример, првиот столб исплата на фиксен буџет за секоја високообразовна установа кој се пресметува по формула базирана на детерминанти, како бројот на студенти и реални трошоци за студирање, број на издадени дипломи, број на професори, издадени научни публикации…
„Една година и еден месец УКИМ функционира според правилата на новиот Закон за високо образование и речиси исто толку време вработените и студентите на УКИМ немаат статут. Со години студентската организација на УКИМ е непостоечка, поточно нелегална и нелегитимна. Впрочем, пред неколку години прогресивната младина токму од УКИМ се крена на нозе прво против оние што им ја узурпираа студентската организација наречена Студентски парламент, а после и против оние што им ја узурпираа државата, па затоа беа тепани и приведувани од единиците за брзо распоредување на Министерството за внатрешни работи. Денес, и после новата влада, и после новиот Закон за високо образование, имаме непроменета нефункционална, нелегална, нелегитимна, невидлива и непостоечка студентска организација“, напиша универзитетската професорка Ана Павловска-Данева во колумна за „Независен весник“.
Министерството изработи над 30 учебници за учениците од средни стручни училишта кои треба да се испечатат до септември. Нови наставни програми се подготвени за средно стручно образование, а оваа година се става поголем акцент на дуалното образование, со кое плановите на надлежните се годинава да бидат опфатени над 300 ученици, за сто повеќе од лани, за да се создаде квалификуван кадар кој ќе може да одговори на работните задачи и потребите на стопанството. И наместо сега заедно, во тандем да работат министерот и заменикот на имплементација на новините, спроведувањето на најавените реформи, на носење на нови закони, заменикот на ресорот образование и наука Атанасов си поднесе оставка.
Дали оставката на Атанасов е поради друга непостигната цел – за повисока позиција или поради незадоволство како функционира Владата во поглед на реформите во образованието?
Вчера во Собранието опозицијата тврдеше дека образованието е во колапс на сите нивоа.
„Не беше наше барање да дискутираме за состојбите само во основното образование, хаосот владее насекаде, не само во основното образование, хаосот владее и во средното образование, хаосот владее и во високото образование“, рече Димитар Стевананџија, член на ВМРО-ДПМНЕ.
И за министерот за образование и наука Арбер Адеми состојбата во образованието не е сјајна, ама вели дека работат на подобрување.
„Областа образование е сензитивна и не е лесно да си министер и да си заменик- министер во Министерството за образование и наука бидејќи и во Северна Македонија и во која било друга држава има многу предизвици и многу работа да се подобрат состојбите“, посочи Адеми.
Во меѓувреме, од Независниот синдикат за образование и наука реагираат на новините во предлог-законот за основно образование, односно спорен за нив е делот на прекршочните одредби (глоби) за вработените во основно образование. Бараат и во Законот за основното образование, како и во сите други закони кои регулираат права и обврски од работен однос, наставниците како работен кадар да бидат подложни исклучиво на дисциплински постапки, а прекршочните постапки да се однесуваат исклучиво на работодавачот и на одговорното лице кај работодавачот. Доколку Министерството за образование и наука не го испочитува нивното барање, наведуваат дека ќе бидат принудени Законот да го оспорат пред Уставниот суд.
Јавна дискусија по предлог-законот за основно образование, по Штип и Битола, имаше и во Скопје, Куманово, Тетово. Министерот за образование и наука Адеми имаше средба со наставници, а едно од најчесто поставуваните прашања биле за намалување фондот на часовите, реонизација и инклузија.
„Учениците со умерена и тешка интелектуална попреченост, учениците со развојни проблеми, учениците со ниско функционален аутизам и учениците со мултихендикеп нема да имаат модифицирана програма. Во изготвувањето на новиот Закон за основно образование во ниту една фаза не беа вклучени професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија). Не знаеме зошто. Одговорот веројатно лежи во МОН и традиционално во УНИЦЕФ“, се вели во писмото од професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје.
Вероника Мароска-Леова