Уште еден американски авион се урна над Ормуз, објави „Њујорк тајмс“


Авионот „А-10 Вортог“

 

Уште еден борбен авион на американските воздухопловни сили се урна денес во регионот на Персискиот Залив, изјавија двајца американски функционери за „Њујорк тајмс“.

Функционерите изјавија дека единствениот пилот бил безбедно спасен откако напаѓачкиот авион „А-10 Вортог“ се урна во близина на Ормускиот теснец.

Иранската агенција тасним вечерва соопшти дека авионот, всушност бил соборен од одбранбените системи на земјата. Нема потврда за ваквите тврдења.

Инцидентот наводно се случил приближно во исто време кога бил соборен ловецот „Ф-15Е“. Еден од двајцата членови на екипажот на тој авион е пронајден и е кај американските сили, додека потрагата по другиот продолжува.

Непотврдени извештаи сугерираат дека американскиот пилот е заробен од иранските воени сили.

Според дописникот на агенцијата Тасним од западен Иран, врз основа на одредени информации, пилотот се катапултирал и слетал на земјата.

Постојат индиии дека Американците, верувајќи дека пилотот можеби е жив, се обиделе да го извлечат од Иран. Сепак, некои извори велат дека пилотот најверојатно бил заробен од иранските сили.

Во меѓувреме, „Волстрит џорнал“ пишува дека Иран им соопштил на САД преку посредник дека во овој момент не сака да се состане за да разговара за евентуално примирје.

Пораката доаѓа откако земјите во регионот, вклучувајќи го и Пакистан, се согласија да посредуваат за примирје меѓу САД и Иран и споменаа евентуална средба во Исламабад. Во извештајот на ВСЏ се наведува дека Иран ги смета американските барања за примирје за „неприфатливи“.

Порано оваа недела, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека земјата ќе прифати само траен прекин на непријателствата, а не прекин на огнот. Тој додаде дека Техеран сè уште не одговорил на мировниот предлог од 15 точки што го испратија САД пред една недела.

Иранската новинска агенција Фарс објави, повикувајќи се на неименуван извор, дека Техеран го отфрлил американскиот предлог за 48-часовно примирје.