Уште две анкети во Унгарија покажаа дека расте предноста на Маѓар пред Орбан


Петер Маѓар (Фото. ЕПА)

 

Централнодесничарската партија Тиса во Унгарија ја проширува својата предност пред владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан пред парламентарните избори во земјата на 12 април, покажаа две анкети.

Орбан, ветеран политичар, се соочува со најголемиот предизвик во неговите 16 години на власт, но резултатите од изборите остануваат неизвесни бидејќи многу гласачи сè уште се неодлучни.

Една анкета покажа дека Тиса, предводена од поранешниот сојузник на Орбан, Петер Маѓар, е поддржана од 56 проценти од гласачите, во споредба со 53 проценти на почетокот на март. Анкетата на истражувачкиот центар „21“, исто така, покажа дека поддршката за Фидес паднала на 37 проценти од 39 проценти пред три недели. Околу 26 проценти од испитаниците биле неодлучни. Во мандати тоа би било – 129 за Тиса, 64 за Фидес и 6 за Наша татковина. Но тоа е недоволно за двотретинско мнозинство.

Анкетата е спроведена од 23 до 28 март меѓу 1.500 испитаници. Резултатите покажуваат дека 40 проценти од сите гласачи ја поддржуваат Тиса, а 28 – Фидес.

Според другата анкета – од „Завец рисрч“, водството на Тиса меѓу гласачите кои одлучиле за кого ќе гласаат достигна 13 поени, во споредба со 12 поени во февруари. Анкетата, спроведена помеѓу 24 и 28 март, покажува дека 51 отсто од гласачите ја поддржуваат TISA, а 38 – Фидес.

„Завец рисрч“ покажува дека 39% од сите гласачи ја поддржуваат TISA, а 31% – Фидес, и додава дека 20 отсто од 1.000 луѓе кои учествувале во анкетата посочиле дека сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат.

Иако повеќето социолошки анкети предвидуваат водство за Тиса, Фидес се повикува на други анкети кои покажуваат дека партијата на Орбан е на добар пат да победи на изборите, објавува Ројтерс. Сепак, противниците на премиерот тврдат дека овие анкети ги спровеле институти со финансиски или лични врски со владејачката партија.

„21“ и „Завец рисрч“ не се поврзани со политички партии и ги спровеле своите анкети преку телефонски разговори и онлајн прашалници.

Анкетите на обете агенции покажуваат дека крајно десничарската партија „Нашата татковина“ е единствената друга партија што има шанса да ја надмине бариерата од 5% за влез во парламентот, при што поддршката за неа варира помеѓу 4% и 5%.