Уште 40 лица обвинети за хулиганскиот поход на навивачите на Динамо

Досега се обвинети 70 лица за пресметките меѓу навивачите во Атина во кои загина едно лице


 

Грчките обвинители обвинија уште 40 лица во врска со фаталното прободување со нож на фудбалски навивач во Атина пред натпреварот во Лигата на шампионите, соопштија официјални лица.

На сите 40 им беше одреден притвор во саботата, со што досегашниот број се искачи на 70.

Овие нови обвиненија се надополнуваат на 30-те поднесени во петокот, на првиот ден од истрагата за насилните судири што избија во понеделникот меѓу хулиганските поддржувачи на Динамо Загреб од Хрватска и АЕК Атина во грчката престолнина.

Дваесет и деветгодишниот Михалис Кацурис почина откако беше прободен со нож во тепачката.

По неговата смрт, УЕФА го одложи квалификацискиот натпревар од третото коло во вторникот меѓу двете страни за 19 август.

Полицијата уапси околу 100 – за повеќето се вели дека се поврзани со екстремистичките приврзаници на Динамо „Бед Блу Бојс“, изјави полициски извор. Од 30 обвинети во петокот, на 10 Хрвати, Албанец и Грк – им е одреден притвор, објави грчката новинска агенција АНА.

Во откритието, кое му дава нова димензија на случајот со убиството изјави адвокатот Алексис Куџијас. Говорејќи за ЕРТ во неделата наутро, Куџијас истакна дека „има видео на кое се гледа како некој го прободува Михалис“, велејќи  дека неговото лице не е јасно, но се гледа неговиот тип на тело. Тој го опиша конкретниот материјал, кој доаѓа од камера со посебна острина, како „шокантен“.

Во вторникот, грчкиот министер за заштита на граѓаните, Јанис Оиконому, суспендираше седум полицајци, велејќи дека тие не обезбедиле соодветни безбедносни мерки за да се спречи тепачката.

Смртта на Кацурис предизвика шок во земјата во која има неколку инциденти на насилство кои избувнаа на фудбалски натпревари.

Минатата година, тинејџерот Алкис Кампанос беше смртно избоден со нож во тепачка во Солун меѓу приврзаниците на ривалските клубови во градот, Арис и ПАОК.

Владата потоа ја зголеми максималната казна за насилство на навивачите од шест месеци на пет години.

Минатиот месец седуммина обвинети беа прогласени за виновни за убиството на Кампанос и осудени на доживотни казни. Пет други беа затворени за соучесништво.

Полицијата во меѓувреме ја зајакна граничната безбедност по убиството оваа недела.

На навивачите на АЕК и Динамо им е забрането да патуваат во странство за двете претстојни средби на клубовите – квалификацискиот натпревар во Атина на 19 август и реваншот во Загреб следниот вторник.

Во четвртокот седум романски навивачи беа уапсени на границата меѓу Грција и Бугарија со два ножа.

Тие во петокот добија условни затворски казни од една година и парична казна од 1.000 евра, објави полициски извор.

Според полицијата, навивачите биле на пат за квалификацискиот натпревар за Лига Европа во четврток меѓу Олимпијакос и белгискиот Генк. (АФП)