Уште 22 првачиња од „Гоце Делчев“ во изолација
Општина Центар ја информира јавноста дека уште 22 првачиња распоредени во две паралелки од центарското основно училиште „Гоце Делчев“ се во изолација. Мајка на едно од првачињата, која е и наставник во училиштето, иако веќе неколку дена имала симптоми на корона вирусот, и не одела на работа, сепак детето го носела на настава.
Општина Центар најостро го осудува неодговорното однесување на наставничката и бара од директорката целосно да го испита случајот и соодветно да ја санкционира наставничката.
„Нагласувам дека вакво несовесно и неодговорно однесување на еден просветен работник не смее да биде толерирано. Наставниците треба да бидат пример како се работи посветено за доброто на децата и во никој случај не смеат да дозволат со своето однесување да ја доведат во опасност безбедноста на учениците “, вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој е во постојан контакт со директорите на основните училишта, кои работат според препораките на надлежните здравствени институции.
Општината ги презема сите чекори за одржување на хигиената во училиштата и апелира до образовниот кадар и до родителите да ги почитуваат здравствените мерки и препораки.