Урбанистичко дивеење во Аеродром


Жителите на Аеродром се шокирани од иновативноста со која се уништува зелениот простор  во општината, во што спаѓа и последното инсталирање на железни маси и столици на малиот зелен  простор што преживеа пред кафе барот „Хепи“ и слаткарницата „Палма“.

Како што се гледа од фотографиите, овие два дена на зелениот тријаголник со трева забрзано се монтираат вакви железни конструкции кои ќе влијаат не само еколошки, туку и ќе го попречуваат минувањето на жителите за кои ова е рекреативна и забавна зона. 

Речиси неверојатно изгледа сликата дека секоја година се издава некоја дозвола за претворање на зеленило во овој дел од општината за проширување на кафе бар и претворање на просторот  во масивни стакларници,за сега да се монтираат и дополнителни маси и столици и на зелените тријаголници и –  непосредно на улица.

Откако на спротивната страна на улицата, со масивната зграда „кинески ѕид“ беше уништен и последниот сантиметар зеленило и претворен во непотребен асфалт, ова е нов урбанистички удар за нормалното живеење во овој дел од Аеродром која беше замислена како населба за луѓе, а не за бизнис.