Ураганот Џон проследен со обилни врнежи го погоди јужниот пацифички брег на Мексико


Ураганот Џон, проследен со силен ветер и обилни врнежи од дожд, го погоди јужниот пацифички брег на Мексико.

Оваа временска непогода се засили од тропска бура во ураган за само неколку часа, а брзото засилување на бурата ги изненади властите кои се обидуваа навреме да ги ажурираат советите до населението.

Невремето го зафати крајбрежниот појас на јужно Мексико како ураган од трета категорија, заканувајќи се на туристичкиот центар на државата Оахака со максимални ветрови до 190 километри на час.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор и властите ги повикаа граѓаните да бараат засолниште.

– Барајте повисоко место, заштитете се и запомнете дека животот е најважен – материјалните работи можат да се заменат. Ние сме со вас, напиша Обрадор на Х.

Ураганот најверојатно ќе ги загрози блиските туристички центри Акапулко и Пуерто Ескондидо пред да ослабне додека се движи кон внатрешноста.