Управниот суд ги измеша картите во Уставниот суд со одлуката за Дуковска

Управниот суд не го поништи изборот на Елизабета Дуковска во Собранието, туку начинот како беше определена од Судскиот совет


Фото: Б. Грданоски

 

Две години му требаше на Управниот суд да одлучи по тужбата на Антоанета Димовска, сега членка на Судскиот совет, за изборот на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд. Најпосле Управниот суд пресуди дека постапката за избор на Дуковска во 2023 година била незаконска.

Според Управниот суд, со изборот на Димовска две институции постапиле противуставно, првата е Судскиот совет, преку ускратување на правото на еднаква можност на останатите кандидати, а втората е Собранието, кое со 64 гласа „за“ ја избра Дуковска за уставна судијка.

Зошто Управниот суд го поништи изборот?

Тој утврдил дека постапката на изборот била неправедна, зашто мнозинството од членовите на Судскиот совет ја предложиле Дуковска до Собранието, веднаш откако ги доби осумте гласа што ги бара законот. Но членовите на Советот тука го запреле гласањето, не ги разгледувале следните кандидати. Не дискутирале за нив, не ги погледнале нивните биографии, ниту пак резимот за нивната работа, туку веднаш ја прекинаа натамошната постапка прогласувајќи ја Елизабета Дуковска за кандидат за член на Уставниот суд. Во Уставниот суд едно место од вкупно девет припаѓа на судија од редовното судство, предложен од Судскиот совет. Дуковска беше избрана од Собранието во април 2023.

Уставниот суд сега останува со 8 судии. Претседателот на Собранието Африм Гаши го известил Уставниот суд за одлуката на Управниот суд.

Дуковска која има 64 години, треба да се врати во Апелациониот суд Скопје откаде што дојде во Уставниот суд, а Судскиот совет да распише нов оглас.

Дуковска беше известител за Законот за јазиците. Тој сега ќе треба да му се додели на друг судијата, што веројатно ќе ја оддолжи процедурата затоа што тој детално треба да се запознае со предметот. И одлуката за собирањето потписи за независните кандидати за изборите може да дојде во прашање. На последното гласање за поништување на драконските услови за независните и граѓански кандидати да учествуваат на локалните избори, резултатот беше 4:4. Недостасуваше Осман Кадриу за да може да се донесе одлука. Сега има осум судии во Уставниот суд. Не знаеме во која четворка припаѓала Димовска.

Министерот за правда, Игор Филков, денеска изјави дека Судскиот совет треба да постапи согласно пресудата и препораките на Управниот суд за изборот на Елизабета Дуковска. Министерството за правда нема надлежност да ги преиспитува одлуките на судовите. Тој немаше коментар за тоа што ќе се случува со одлуките на Уставниот суд во кои судијката Дуковска е известител.

„Да почекме да видиме“, рече Филков.

На новинарско прашање дали има законски рок до кога Собранието треба да изврши избор на уставен судија министерот Филков рече дека нема рок.