Универзитетски саем „Study in Greece“ во Скопје


 Амбасадата на Грција, во соработка со NOVA International School Скопје, денеска ќе организира универзитетскиот саем „Study in Greece“, на кој ќе бидат претставени академските можности што ги нудат грчките државни универзитети за меѓународни студенти.

На саемот ќе учествува платформата Study in Greece, заедно со претставници од пет водечки грчки државни универзитети, кои ќе презентираат програми за дипломски и магистерски студии на англиски јазик. Посетителите ќе можат да се информираат за условите за прием, достапните стипендии, студентскиот живот, како и за предностите што ги носи стекнувањето на меѓународно признаена диплома во Грција.

Организаторите истакнуваат дека студирањето во Грција овозможува високо квалитетно образование во современа академска средина, која комбинира теорија, истражување и практична работа. Грчките државни универзитети нудат пристап до богати библиотеки и ресурси, современи лаборатории, како и активен студентски живот.

Грција, како студиска дестинација, се издвојува и по безбедната средина, достапните школарини, прифатливите трошоци за живот и развиената инфраструктура. На настанот, кој ќе се одржи од 15 до 17 часот, во просториите на NOVA International School, поканети се средношколци, студенти, родители и советници за кариера, кои сакаат да ги истражат можностите за високо образование во Грција.