Универзалната сала не може да „пропее“ поради политиката

Градската и државната власт се расправаат дали проектот бил безбеден или не. Градоначалничката Арсовска изгледа дека нема ниет да продолжува ништо од она што го почна нејзиниот претходник


Универзалната сала во Скопје буди носталгија кај посетителите кои таму присуствувале на бројни концерти и други културни настани. Објектот изграден како донација од повеќе држави од светот по разорниот земјотрес од 1963 година во Скопје е симбол на солидарноста и човечноста. Во моментов, „страда“ од политичките неистомисленици.

Години наназад бевме свесни дека ѝ треба реконструкција, но тоа не стигаше до свеста на надлежните сѐ додека на 10 март 2015 година не се одржа трибина на СДСМ со тогашниот лидер Зоран Заев, кој објавуваше дел од „бомбите“ за прислушувањето.

Имено, кога заврши трибината и салата се испразни, парче од таванот се откорнало и паднало врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните одлучија наместо да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

Тогаш се изроди идејата новата сала да биде во форма на јајце, што ја претстави тогашната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, а се смени и името во Конгресен центар „Александар Македонски“. За реконструкција на Универзалната сала имаше решение изработено од „Архангел бојс“, според кое се задржуваше изгледот на салата, но да се надгради со застаклена галерија околу целиот објект и да се зголеми бројот на седишта за 200. „Јајцето“ не почна да се прави поради тоа што беше прескапо.

По смената на градските власти, градоначалникот Петре Шилегов излезе со идеја Униеврзална сала да се гради на друго место, кај спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, но по силните реакции на јавноста се врати на идејата за реконструкција на постојниот објект, за што проект изработи „Мегарон инженеринг“, а градежните работи почнаа лани во септември. Ова решение предвидуваше реконструкција само на фасадата, додека за внатрешно уредување допрва требаше да се бара проект.

Сега, новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, ги запре работите на салата, за вчера да излезе на прес-конференција и да обзнани дека проектот по кој се работи на Универзалната сала не е безбеден и дека на нејзиното завршување не му се гледа крајот.

Додека скопјани, како и сите други посетители очекуваат реновиран објект во кој ќе можат да одат на концерти наскоро, новата градска администрација очигледно нема да им го овозможи тоа. Повторно се почнува од почеток. Сѐ што оние пред нив направиле се поништува, а на тој начин се губи и време и пари. Очекувајќи повторно централната власт да се заземе за решавање на проблемот што (сами го направиле, како што вели Арсовска), Универзална зјае тажно и празно, со извадени партерни столчиња, оние од блоковите се едни врз други, а бината е размонтирана. Кабли, греди, железни профили, расфрлани на сите страни. Градежен шут собран во две купчиња во дворот, а објектот ограден со метални тараби.

Проектантското биро „Мегарон инженеринг“, кое го донираше проектот на Град Скопје тврди дека проектот е безбеден, владејачката партија исто така, а министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја повикува градоначалничката Арсовска да ги интензивира активностите за реализација на финансираното, за што се доделени околу два милиони евра од Владата. Колку ќе почекаме на прв концерт во реновираната Универзала сала не знае ни Арсовска, но сигурно нема да е скоро.