Универзална сала нема да се реновира ниту годинава


Универзална сала нема да почне да се реновира ниту годинава, како што ветија лани градоначалникот Петре Шилегов и поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, пишува СДК.
Тие на 15 мај лани  потпишаа договор и одржаа прес-конференција на која рекоа дека на пролет 2019 ќе стартува реновирањето на концертната сала. Но, овој договор паѓа во вода, бидејќи за оваа година пари за таа намена не се предвидени, ниту од Град Скопје ниту од Владата.
„Во буџетот на Град Скопје за 2019 година не се предвидени средства за оваа намена, бидејќи станува збор за капитална инвестиција која ќе се прави со средства со централниот буџет. Од аспект на проектот, Градот Скопје ќе поддржи проект за Универзалната сала, без разлика дали станува збор за реконструкција или изградба на нов објект, кој ќе ја зачува неговата автентичност и функционалност. Изградбата на нов објект за Универзалната сала отсекогаш бил проект кој ќе биде финансиран од страна на државата. Станува збор за капитален проект, кој би чинел десетици милиони евра и е трошок кој Град Скопје не може сам да го издржи“, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.