Унгарскиот кандидат за еврокомесар најверојатно ќе го добие ресорот проширување
Белгија – Избраната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен ќе и го додели портфолиото транспорт на романската кандидатка, потврдија прес службите на претседателката. Иако до сега не е формално потврдено, кандидатот од Унгарија би требало да го добие проширувањето, и покрај силните критики на стручната јавност.
Транспортот и проширувањето беа до сега недоделени во исчекување на кандидатурите од овие две земји. Со потврдата дека ја избира Романката Адина Валеан за кандидатка за комесарка за транспорт, единствено слободно портфолио за Унгарецот Оливер Вархелји останува проширувањето, иако тој допрва треба да биде прифатен и од Европскиот Парламент.
Фон дер Лајен начелно му го додели проширувањето на првиот унгарски кандидат, Ласло Трочањи, но тој беше отфрлен од Европскиот Парламент поради конфликт на интереси. Унгарската влада го предложи својот сегашен амбасадор при ЕУ, Вархелји, како негова замена.
Отфрлени од Европскиот Парламент беа и романската кандидатка Рована Плумб, предложена од претходната романската влада, која во меѓувреме падна, како и француската кандидатка, Силви Гулар. Новиот француски кандидат, Тиери Бретон, го добива портфолиото внатрешен пазар.
Овие тројца кандидати сега ќе треба да бидат сослушани од повеќе парламентарни комисии, прво за да се утврди евентуален судир на интереси, а потоа за да се оцени нивната подготвеност и експертиза во областа која им е доделена.
Повеќе европарламентарци, пред сѐ од социјалдемократското крило во Европарламентот, сметаат дека Унгарија не треба да го добие проширувањето и соседската политика поради систематското нарушување на владеењето на правото во Унгарија како и контроверзните односи на Орбан со Русија. Портфолиото проширување и соседска политика ги вклучува и односите на ЕУ со Украина, чии НАТО аспирации Будимпешта неодамна ги блокираше повикувајќи се на правата на унгарското малцинство во оваа земја. Многумина меѓутоа сметаат дека Орбан со тоа ги брани стратешките интереси на Владимир Путин.
Фон дер Лајен е во исчекување и на кандидат од Обединетото Кралство, земјата мора да предложи еврокомесар сѐ додека е формално уште членка на ЕУ. Брегзитот е одложен до 31 јануари 2020. Лондон за сега не одговорил формално на барањето на фон дер Лајен, неизвесно е исто така кое портфолио би му било доделено на британскиот кандидат.