Унгарски нуркачи ќе ги бараат исчезнатите во несреќата во Дунав
Унгарските власти планираат да испратат нуркачи во Дунав за да ги пронајдат 19 јужнокорејски туристи и уште две други лица, кои се сметаат за исчезнати по несреќата, откако туристички брод потона во таа река.
Неименуван функционер од Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја изјави дека нуркачите од Унгарската противтерористичка единица веројатно денеска ќе ја почнат потрагата по телата на исчезнатите лица. Крајбрежната стража на Унгарија, исто така, ја пребарува реката и со помош на хеликоптери и со скенери.
Бродот со јужнокорејски туристи во средата навечер се судри со друг брод на Дунав, во близина на унгарскиот Парламент и потоа потона во реката, надојдена од обилните врнежи и каде има многу силни струи. Досега се пронајдени телата седум лица, а 21 се сметаат за исчезнати.
Унгарската полиција вчера поради небрежност го уапси капетанот на крузерот кој го потопи туристичкиот брод. Крузерот Викинг Сигин, долг 135 метри, со 95 соби удри во туристичкиот брод „Серена“ и го потопи. Швајцарската компанија која е сопственик на пловечкиот хотел потврди дека во несреќата учествувал нивниот крузер, прецизирајќи дека меѓу нивните патници нема повредени.
Капетанот е 64-годишен украински државјанин идентификуван како Ц.Јури од Одеса, а уапсен е поради немарност во управување во воден сообраќај што довело до масовна загуба на човечки животи, соопшти полицијата.
Унгарската служба за спасување претходно соопшти дека се мали шансите за пронаоѓање на уште преживеани после судирот на два брода во Дунав, во центарот на Будимпешта, во кој загинаа седум лица, а 21 се водат како исчезнати.
– Повеќе би рекол дека нема надеж, отколку дека има мали шанси за пронаоѓање преживеани, изјави за државната телевизија М1 портпаролот на Унгарската национална амбулантна служба Пал Ѓорфи.
Едно шестгодишно девојче е една од седумте туристи од Јужна Кореја кои загинаа во судирот на двата брода на Дунав во Будимпешта. На туристичкиот брод имало и двајца членови на екипаж од Унгарија.
Ниту еден од туристите на бродот не носел елек за спасување, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
Откако бил удрен од крузерот, бродот прво почнал да се полни со вода, а потоа се превртел и потонал за многу кусо време, додека во Будимпешта беснеела силна бура.
Локалните медиуми јавија дека остатоци од бродот Сирена се пронајдени во коритото на реката по неколку часа пребарување во близина на мостот Маргарет, еден од главните мостови кои ги поврзуваат двата дела на унгарскиот главен град.