Унгарски функционер го спореди Сорос со Хитлер


Филантропот и милијардерот Џорџ Сорос (роден во Унгарија) е постојано на удар на унгарските власти (Фото: АП)

 

БУДИМПЕШТА – Унгарски министерски комесар се најде под удар на критики за написот во кој се споредува американско-унгарскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, строг критичар на унгарската влада, со Адолф Хитлер и нацистите.

„Европа е гасна комора на Џорџ Сорос“, напиша Силард Деметер, министерски комесар и раководител на литературниот музеј „Петефи“ во Будимпешта, во колумна во саботата во провладиниот медиум „Ориго“. „Отровен гас тече од капсулата на мултикултурно отворено општество, што е смртоносно за европскиот начин на живот“.

Коментарите предизвикаа негодувања од еврејската заедница во Унгарија, вклучително и од Обединетата унгарска еврејска заедница, која ја нарече статијата „невкусна“ и „непростлива“.

„(Написот) е учебник за релативизација на холокаустот и затоа е некомпатибилен со тврдењето на владата за нулта толеранција за антисемитизам“, пишува во соопштението на групата.

Во написот, Деметер, назначен од унгарскиот премиер Виктор Орбан за надгледување на културната продукција, го спореди Сорос со Хитлер, пишувајќи дека тој е „либералниот Фирер, а неговата либер-аријанска армија го обожува повеќе отколку што тоа се правеше со Хитлер“.

Сорос, роден во Унгарија и преживеан од холокаустот, е честа мета на владата на Орбан за неговите филантропски активности кои ги фаворизираат либералните цели. Владините медиумски кампањи насочени кон Сорос доведоа до обвиненија за антисемитизам.

Написот се осврна на конфликт околу следниот буџет на Европската унија, кој земјите-членки Унгарија и Полска го блокираат поради одредбите што можат да ги блокираат плаќањата кон земјите што не ги почитуваат демократските стандарди.

Деметер ги спомена двете земји, обете под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството и слободата на медиумите, како „новите Евреи“.
Владата на Израел, близок сојузник на Унгарија, ги осуди коментарите на Деметер. Израелската амбасада во Будимпешта објави на Твитер: „Ние целосно ја отфрламе употребата и злоупотребата на меморијата на холокаустот за каква било цел… Нема место за поврзување на најлошото злосторство во историјата на човештвото или неговите сторители со која било современа дебата“.

Гордон Бајнаи, премиер на Унгарија во 2009-2010 година, на Фејсбук во неделата напиша дека ако Деметер не биде тргнат од функцијата до понеделник, „Унгарците и остатокот од светот очигледно ќе ја сметаат (неговата) изјава како позиција на унгарскиот влада“. (АП)